Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во интервју за емисијата „Патот кон“ на Алсат М упати порака до бугарскиот претседател Румен Радев и владата во Софија дека евентуален договор којшто би го потпишал Зоран Заев, тој и неговата партија нема да го почитува.

„Јас нема да давам претпоставки што би било кога би било, само ќе анализирам што имаме на располагање. Постојат три опции од кои што две се пореални, а едната е помалку реална. Но сите три се катастрофални за македонскиот народ и македонската држава бидејќи директно сите овие три опции задираат во идентитетот на Македонците и тоа го видовме од новиот коалициски договор на потенцијалното мнозинство во бугарскиот парламент кој што вели дека основа на договорот е Резолуцијата на Бугарскиот парламент, која што е понижувачка и нема врска со европските вредности“, изјави Мицкоски во интервјуто.

Давајќи објаснување за трите опции, Мицкоски рече дека првата опција е Зоран Заев да потпише протокол со кој што ќе се прифати целосно или делови на бугарската резолуцијата која би била на штета на идентитетот при што потписи на овој договор би ставиле Заев или министерот за надворешни работи

Втората е да се потпише некој договор или протокол 5 плус 1.

Третата опција според Мицкоски е него помалку возможна варијанта, а таа е некое политичко мнозинство во Бугарија да донесе нова помека резолуција, со што соседите конечно би покажале дека заслужуваат да бидат дел од ЕУ и на тој начин да дозволат Македонците да го почнат процесот на преговори.

„Мојата порака и до Радев и до бугарската влада е дека овој едностран договор, потпишан од политички бегалец, како Зоран Заев, новата влада на ВМРО-ДПМНЕ, нема намера да го почитува. Затоа што ниту учествува ниту знае каков е. Треба да знаат дека немаме намера да го почитуваме“, рече Мицкоски во емисијата.