Мицкоски до новите ЕУ министри што ќе дојдат следната недела :ВМРО – ДПМНЕ не го менува ставот

Следната недела најавени се тројца министри за Европа, на Германија, Франција и Полска. Повторно ќе кажам, доколку доаѓаат за уставните измени, нашата порака е иста, нашите аргументи се исти од таа страна не слушам нова поента и ако доаѓаат за тоа, навистина ќе бидам и загрижен бидејќи овој народ овде, последна работа што им паѓа на памет се уставните измени, изјави денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ при посетата на Прилеп, одговарајќи на новинарски прашања.

– Вчера разговарав со тројцата министри за надворешни работи од Австрија, Чешка и Словачка, имавме аргументирана дебата во Парламентот, ги кажавме нашите ставови, тие ставови се исти, непроменети, и ако некој ја изолира Македонија, тоа се криминалците од власта поради нивото на криминал и неспособност да спроведат реформи. Промената на Уставот не е критериум за изолирање на Македонија, а од друга страна од истите тројца добив уверување дека во ниту еден момент не го кажале зборот изолирање, туку рекле ќе има задоцнување во процесот – рече Мицкоски.