Ми тежи на душава што бев дел од таква агенда – признание на член на ,,Шарената револуција”

Ликовната уметница Инес Ефремова која беше една од симболите на ,,Шарената револуција” јавно проговори дека носи тежина што била дел од таква агенда.

Таа директно тврди дека била дел од агенда што имала за цел за предизвикување хаос во Македонија која тоне.

,,Веќе цел век, САД и пријателите го кројат светот преку „рушење режими“. Почнувајќи од Ходурас (од каде и потекнува терминот banana republic), до египетски, украински и сл. пролетти, чиј резултат е секогаш ист – организирана промена на власт после која државата е оставена да тоне во хаос.

Го знаев тоа, ама не сакав да го видам кога се вплеткав во „Шарената револуција“. Сега ми е кристално јасно дека бевме марионети во идентичен проект, некои повеќе, а некои помалку свесни за тоа што се случува.

Странските учесници се повлекоа, а ние останавме со замрзнат конфликт и поголема беда поради локалните профитери. Инаку, само ментално ограничен човек или необразуван човек ова може да го контра-аргументира со „шо, дпмне да не требаше да ги оставиме“ или „ајдее миленко и мирка заговори“.

Јас всушност немам што мудро да поентирам. Повеќе сакам да си кажам дека ми тежи на душа што бев дел од таква агенда. И дека следен пат милијарда пати ќе размислам пред да бидам дел од „револуции“, пишува Ефремова.

Фото ФБ профил на Ефремова

По учеството во ,,Шарената револуција” Ефремова остро го критикуваше законот за јазиците.

Инес Ефремова е ликовна уметница, која има дипломирано на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Кирил и Методиј“ во Скопје, на отсекот за ликовна педагогија. Активно твори повеќе од деценија и на културната сцена е присутна преку бројни групни и самостојни изложби. Нејзините дела најчесто се комбинација на дигитални и традиционални ликовни техники и медиуми, а создава и перформативни дела.