Еден од најдобрите фудбалери во светот Лионел Меси пред синоќешниот натпревар во дресот на Аргентина против Италија во Лондон го сподели своето искуство со прележувањето на Ковид-19 во почетокот од годинава.

„Тоа силно ме погоди и остави трага врз мене, посебно на белите дробови. Не можев да тренирам, се вратив во Париз и околу еден и пол месец не можев ни да одам како што треба“, изјави Меси.

Напаѓачот на Пари Сен Жермен жали што се врати на теренот прерано по заразувањето и што не ги послушал советите на лекарите.

„Сакав да трчам, да тренирам, да продолжам да играм, но само ја влошив ситуацијата“, додаде долгогодишниот фудбалер на Барселона, врз кого короната дополнително влијаеше за скромната прва сезона меѓу „светците“, во која постигна само 11 гола на 34 средби.