Меси ќе продолжи да игра за Аргентина по светската титула

Лионел Меси изјави дека нема да се повлече од фудбалската репрезентација на Аргентина по возбудливиот триумф на пенали против Франција во финалето на Светското првенство во Катар, во кој им донесе водство на „гаучосите“ од белата точка на стадионот „Лусаил“ во Доха, пред повторно да погоди во судиското продолжение.

„За кратко време ги освоив Копа Америка и Светското првенство. Го сакам она што го работам, да сум во репрезентацијата и сакам да продолжам да уживам во уште неколку натпревари како светски шампион. Ќе го однесам пехарот во Аргентина за да славиме заедно“, изјави Меси по мечот што заврши нерешено 3:3 по 120 минути, а потоа славеа Аргентинците на пенали со 4:2.


Со своите 35 години, напаѓачот на сега веќе трикратниот светски првак го собори рекордот за најмногу настапи на мундијалите, откако во финалето го одигра својот 26. натпревар, а минатиот месец потврди дека овој турнир ќе му биде последен. Сепак, по освојувањето на единствената голема титула што му бегаше во неговата трофејна кариера, Меси изјави дека има намера да продолжи да игра за Аргентина уште некое време.

Добитникот на златната топка за најдобар играч на првенството додаде дека за него е остварување на „детскиот сон“ што ѝ помогнал на Аргентина да ја освои својата прва светска титула откако Диего Марадона ја предводеше до победата во Мексико во 1986 година.

„Тоа е сечиј детски сон“, рече Меси. „Имав среќа што постигнав сè во кариерата… и она што недостигаше е тука.

„Лудница! Погледнете го, прекрасен е“, покажа тој на пехарот. „Го посакував толку многу. Имав визија дека ова ќе биде тоа… тој се приближуваше. Страдавме по него, но веќе го имаме. Сакав да ја заврш кариерата со ова, веќе не можам да барам ништо друго. Му благодарам на Бога, тој ми даде сè“.

Селекторот на Аргентина, Лионел Скалони, на прес-конференцијата по натпреварот изјави дека Меси секогаш ќе биде добредојден да игра за својата татковина.

„Пред сè, треба да му чуваме место за Светското првенство во 2026 година“, рече Скалони. „Ако сака да продолжи да игра, ќе биде со нас. Мислам дека има повеќе од право да одлучи дали сака да продолжи да игра или што сака да прави со својата кариера. За нас е огромно задоволство да ги тренираме него и неговите соиграчи. Сè што тој им пренесува на своите соиграчи е нешто неспоредливо, нешто што не сум го видел досега. Играч, личност која им дава толку многу на своите соиграчи“.