Месецов нов круг консултации за надминување на бугарската блокада

Република Бугарија и Република Македонија до крајот на октомври ќе одржат нов круг на консултации во обид за надминување на спорот и деблокада на евроинтеграцијата на земјава. Скопје се надева на решение по изборите во Бугарија, за што треба да помогне билатералниот протокол од 6 точки кој треба да биде готов до почетокот на ноември. Прв таргет е 14 декември кога се одржува состанок на Општиот совет на ЕУ, на кој се очекува да се донесе одлуката за усвојување на преговарачката рамка и закажување до крајот на годината на првата меѓувладина конференција.



Шефот на бугарската дипломатија Светлан Стоев вчера во Софија со неговиот хрватски колега Гордан Грлиќ Радман изјави дека Бугарија инвестирала многу во дијалогот со Република Македонија и очекува конкретни дејствија од Скопје за трајно спроведување на Договорот за добрососедство од 2017, како и почитување на правата на граѓаните со бугарска самосвест.

Стоев информира дека преговорите на експертско ниво меѓу Скопје и Софија течат, и оти се предадени бугарските предлози и текстови. Тој истакна дека до крајот на октомври ќе има нов круг консултации меѓу Бугарија и Македонија и доколку се постигне согласност, она што ќе биде договорено, може да биде потпишано од двајцата министри за надворешни работи. Стоев рече и дека продолжува дијалогот за ова прашање и со еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји.

Премиерот Зоран Заев вчера повтори дека од самитот ЕУ-Западен Балкан кај Брдо, Словенија, ниту тој, ниту ЕУ добила гаранции од Бугарија за деблокирање на процесот за членство на земјава во Унијата, но дека работните групи продолжуваат да работат и оти е можно да се најде решение доколку двете страни тоа го сакаат.

– Верувам дека би дошле до усогласени текстови, би се решило тоа прашање, затоа што тоа се решливи прашања односно ќе кажам едноставно е, дека краткото име е исто со долгото име, Македонија е исто со Република Македонија, дека немаме територијални претензии спрема ниту еден од соседите, ни спрема Република Бугарија, рече Заев во одговор на новинарско прашање на прес-конференција во Владата.

Тој посочи дека Бугарија е членка на ЕУ и ЕУ без една земја не може да донесе одлука. -Убеден сум дека разумноста на политичарите надвор од изборни процеси, во мирни води, во постабилно време ќе преовлада и ќе надвладее за да можеме да испишеме убава историја, која што ќе им ја оставиме на младите, и на децата, и на идните генерации, истакна Заев.

На прашање за декларацијата од Македонци во Бугарија во која бараат да се запре со непринципиелните компромиси со оваа земја, премиерот Заев истакна дека ниту е европски, ниту е исправно да се мешате во внатрешните работи на другите земји.

– Не е европски, ниту е добрососедски, ниту е пријателски ние да се инволвираме во тоа што се случува во Бугарија, ниту пак сакаме некој да се инволвира кај нас, рече Заев.

Тој додаде дека и нашиот Устав вели дека земјава не треба да се меша во внатрешните работи на другите земји, а, тоа, нагласи, го кажува и Договорот за добрососедство каде  исто така е преземена обврска за немешање во внатрешните работи на Бугарија. Барањето од Бугарија за вметнување на бугарската етничка група во нашиот Устав не го доживува како мешање во нашите внатрешни работи. Тоа, рече, е право на секоја земја да побара, како што е наше право да одлучиме дали ќе го направиме тоа.

-Исто така, право на Бугарија е, како што е наше право овде, дали ќе излезе во пресрет на Декларацијата која што ја објавуваат тамошни граѓани, граѓани на Република Бугарија за одредени свои ставови или сугестии. Ако навистина сакаме да бидеме европејци, треба на европски начин да ги разгледуваме работите, Заев.

За Европската Комисија издавањето бугарски пасоши за Македонци е внатрешна работа во која таа не се меша, јави дописничката на МИА од Брисел.

МИА побара одговор од Европската Комисија откако бугарскиот претседател Румен Радев се повика на македонските граѓани со бугарски пасош и се произнесе за неговите очекувања за исходот од пописот во Македонија.