Поранешната германска канцеларка Ангела Меркел повторно ја бранеше својата политика на големото потпирање на Германија од увозот на енергија од Русија за време на нејзиниот мандат, тврдејќи дека тоа беше вистинската одлука во тоа време, пренесе Ројтерс

„За периодот на транзиција ни требаше гас од Русија за еден ден да се префрлиме на форми на енергија без емисии на јаглерод диоксид“, рече Ангела Меркел на тркалезната маса синоќа во Лисабон. „Во тоа време, потпирањето на рускиот гас изгледаше како најлогично решение“.

Според неа, во тоа време „беше рационално и очигледно да се купува гас од Русија преку гасоводот наместо да се увезува скап течен гас од други делови на светот како Саудиска Арабија, Катар или САД“ во време кога Германија одлучи за постепено укинување на нуклеарните централи и електрани на јаглен.

Меркел, која беше на чело на германската влада повеќе од 16 години, објасни дека Русија, односно Советскиот Сојуз, била сигурен партнер дури и за време на Студената војна кога станува збор за снабдување со енергија.

„Не верувам во доктрината „промена преку трговија“, но верувам дека контактите можат да се зајакнат преку трговијата. И затоа денес не жалам за тогашните одлуки, туку мислам дека беа исправни од аспект на времето“, рече Меркел во Лисабон.

Поради рускиот напад врз Украина и прекинот на испораката на гас од Русија, Германија се сврте кон увозен течен гас и ја забрза изградбата на терминал за LNG на северот на земјата.