Меркел вели дека бугарското вето ги сопре Македонија и Албанија

„И Албанија и Македонија ги исполнија поставените услови за да започнат преговори за членство. За жал, тоа не беше постигнато поради бугарското вето, но ние ветивме дека ќе бидеме блиску до овој процес, бидејќи е вложена многу сила и енергија во него“, изјави денеска во Тирана, германската канцеларка Ангела Меркел на заедничката пред-конференција со нејзиниот домакин, Еди Рама.

Маркел е вои проштална посета на Западен Балкан пред да ја напушти функцијата канцелар по цели 16 години. Вчера иомаше средба со српскиот претседател Александар Вучиќ во Белград а денеска со албанскиот премиер и со премиерот Зоран Заев во Тирана.

Албанскиот премиер Рама, оцени дека „ние сме заложници на национализмот внатре во ЕУ”.

„Во ЕУ нема националистички влади, но за жал во некои земји националистите и екстремната десница влијаат на одлучувањето на умерените влади. Дури и она што се случува денес е заложништво на интегративниот процес од националистички бран во една земја“, рече Рама.

На новинарско прашање Меркел призна дека стагнацијата на процесот на интеграција на Албанија во ЕУ се должи и на внатрешната политика на некои од земјите на Унијата, пренесе „Ора њуз”.

Меркел додаде дека го разбира разочарувањето на земјите од регионот бидејќи, како што рече, кога се исполнети условите, дадениот збор мора да се одржи и да не се даваат други услови поради внатрешно-политички причини во одредени земји.

„Кога ќе се потврди дека се исполнети условите, треба да се одржи зборот, бидејќи во спротивно се појавува разочарување и треба да знаеме како да си веруваме едни на други“, рече Меркел.