МЕПСО: Енергетската криза е реалност, трошиме двојно повеќе од произведеното

Ниту производството, ниту пак увозот на електрична енергија не можат да ја покријат потрошувачката во земјава, тврди директорот на МЕПСО Куштрим Рамадани.

Тој во интервју за Телма вели дека енергетската криза во земјава е реалност, односно се троши двојно повеќе од што се произведува.

„Имаме недостаток на електрична енергија. Според првичните извештаи, во секој час колку се произведува електрична енергија, еве конкретно за 23 октомври ситуацијата е следна: произведени се 500 мегавати, а конзумацијата е 1 000 мегавати. Ако тука се додаде и увозот, ќе се добие дека 315 мегавати ни фалат во мрежата“, вели тој.

Директорот на МЕПСО објаснува дека во такви случаи се презема енергија од европската мрежа и досега земјава тоа го наравила четири пати без најава и добила четири предупредувања од Центарот во Швајцарија каде што се прават пресметките.

„На 15 минути се следи кој колку отстапува од мрежата, и не е дозволено така да се презема, освен во случај на хаварија. А ние, знаејќи дека немаме хаварија, се знае дека преземаме за потрошувачите, што не е дозволено“,
вели Рамадани за Телма.

Според пресметките за ваквите преземања МЕПСО треба да плати досега околу 10 милиони евра. Рамадани вели дека сметката ќе стаса околу 5-ти следниот месеци, и ако продолжи овој тренд до крајот на октомври, можно е таа сума да достигне и 15 милиони евра кои МЕПСО треба да ги плати околу средината на ноември само за еден месец.