Менкиноски: Ќе одиме и до Стразбур ако треба! Знамето со Сонцето од Кутлеш е културно и национално богатство на нас Македонците!

Адвокатот Тони Менкиноски, кој застана зад истакнувањето на 40-метарското знаме со Сонцето од Кутлеш на Богојавление во Охрид, јасно и гласно порача дека нема намера да признае вина за тоа, зошто државното знаме на Македонија од 1992 до 1995 година е „културно и национално богатство на македонскиот народ“.

„Немам повредено ниту еден закон. Немам намера да признаам вина, бидејќи не сум прекршил ниту еден закон ни меѓународен договор. Дури ни спогодбата со Грција. Немам намера да им платам, бидејќи во тој случај признавам вина. Станува збор за 1.500 евра. Имаше и предлози да се соберат парите и да се плати казната место мене, но им реков со тие пари да купат знамиња и да ги истакнат во својот имот за да покажат чија е оваа земја и кој е господар на оваа земја“, изјави Менкиноски во емисијата „Заспиј ако можеш“ на телевизијата Алфа.

„Сонцето од Кутлеш го има во нашите цркви, на нашите икони. На крајот на краиштата, тоа беше државно знаме, официјално, ставено во регистарот на Обединетите нации како знаме на македонската држава. Ќе одиме и до Судот во Стразбур ако треба. Веќе известив меѓународни организации, како ‘Артикл 19’, дека ни е спречена слободата на изразување. Очекувам реакција од нив во најскоро време до претседателот, премиерот. Нема да ги оставам така“, додаде застапникот на македонските здруженија во Бугарија пред Судот за човекови права во Стразбур.

„Не може никој да нè победи ако сме истрајни во борбата за нашите права“, порача Менкиноски, кој го истакна националното знаме на македонскиот народ со огромни димензии и на зградата во која се наоѓа неговата адвокатска канцеларија во центарот на Скопје, но тогаш немаше никаква реакција од полицијата.