Пратеникот и лидер на Демократската партија на Албанците (ДПА), Мендух Тачи, чија партија е дел од владејачката коалиција, во изјава за ТВ 21 најави дека утре нема да дојде на закажаната седница во Собранието на која како точка на дневен ред ќе се најде предлогот за разрешување на двајцата министри од Алијанса за Албанците.

ДПА е дел од владејачката коалиција, но односите меѓу Тачи и Села се одамна нарушени кога Зијадин Села прво направи фракција за реформирање на ДПА, а потоа формира и нова партија – Алијанса за Албанците.

Синоќа за ТВ 21 изјави дека не само што нема да гласа „за пратениците на Села“ туку и нема да дојде на седницата на Собранието.

Владиниот предлог за разрешување на министрите за здравство и за информатичко општество и администрација Фатмир Меџити и Азир Алиу – кадри на Алијанса за Албанците – е прва точка на предложениот дневен ред за пленарната седница во парламентот закажана со почеток во 11 часот.

Втора точка на предлог-дневниот ред на утрешната седница е владиниот предлог за именување на Илир Демири на позицијата министер за здравство и Наим Бајрами за министер за информатичко општество и администрација.