Меморандумот за независност на Македонија „наполни“ 108 години

На 1 март 1913 година од Димитрија Чуповски, Александар Везенков, Гаврил Константинович и Наце Димов, членови на Македонското научно-литературно другарство во Санкт Петербург, подготвен е Меморандум за независност на Македонија.

Документот со кој се бара доделување и признавање независност на историскиот регион Македонија бил испратен до британскиот министер за надворешни работи, сер Едвард Греј, до амбасадорите на големите сили при кралскиот двор во Лондон и до рускиот министер за надворешни работи.

Истовремено, меморандумот бил објавен во целост или во делови во весникот „Македонски глас“, во повеќе руски печатени медиуми и во други весници во Европа.

Согледувајќи ја ужасната положба на Македонија по Првата и непосредно пред Втората балканска војна, завојувана и окупирана од соседните балкански држави, единствено праведно решение наведената четворка гледала во независноста на Македонија во нејзините природни, географски, етнички и економско-стопански граници, со што сметале дека ќе се стави крај на страдањата на населението и ќе се избегнат понатамошни војни, судири и крвопролевања.

Во прилог на Меморандумот, Чуповски ја изработил и ја објавил политичко-географската карта на Македонија, со поднаслов „по програма на македонските народници“.

Во Меморандумот, кој е своевиден прв јавен настап на „ополномоштените Македонци“ пред светската јавност, се изложува и истакнува борбата на Македонците за својата слобода и држава, со акцентирање на учеството на Македонците во Првата балканска војна. Преку неколку точки во него се изнесени барањата: Македонија во нејзините географски, етнографски и економско-културни граници да остане единствена, неделива, независна балканска држава и во најскоро време, врз основа на општо гласање, да биде свикано Македонско народно собрание во Солун заради детална разработка на внатрешната организација на државата и за определување на односите со соседните земји.

Денот на основањето на Македонското научно-литературно другарство од Санкт Петербург – 28 октомври 1902 година – претседателот на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), Љупчо Коцарев, го предложи за роденден на најголемата научна институција во државата.

Оттаму, според академик Коцарев, МАНУ годинава треба да одбележи 119 години постоење, а не 54 според одржаното конститутивно собрание на 9 октомври 1967 година.