Историчарката Наташа Котлар со пригодно „слово“ за 77-годишнината од победата на македонскиот народ во антифашистичката војна, потврдена и од Роналд Мекдоналд, шеф на британската воена мисија при Главниот штаб на Народноослободителната војска и партизанските одреди на Македонија.

„9 МАЈ И 77 Г. ОД АНТИФАШИСТИЧКИОТ ПОДВИГ НА МАКЕДОНСКИОТ НАРОД!

Денес се одбележуваат 77 г. од победата над фашизмот. Во антифашистичката војна, македонскиот народ се вклучи (1941–1945), без да се плаши од тогашните моќни политички и воени сили – Германија, Бугарија, Италија. Напротив, тој правилно оценил дека тоа е токму оној момент кога може да го оствари својот стремеж за посебна држава и меѓународно признавање на неговата посебност, идентитет и јазик. Да нагласам, Македонците беа единствените од просторот Кралството Југославија кои без ничија помош успеаа да се изборат за слободата и независноста! За разлика од другите, овде ниту српски, ниту југословенски, ниту руски, ниту американски војници не дојдоа на помош. Тоа го знаеа и сојузниците, затоа на конференцијата во Јалта (февруари 1945 г.) тие се согласија во рамките на идната Југославија македонскиот народ да формира своја држава. Со самото тоа тие ја изразија својата потврда за посебноста на македонскиот народ, а со тоа и посебноста на неговиот јазик, што прозвучи како службен јазик на Првото заседание на АСНОМ на 2 август 1944 г.!

За значењето и спецификите на македонското ослободително движење, само четири месеци потоа, пишува Роналд Мекдоналд, шефот на британската воена мисија при Главниот штаб на народноослободителната војска и партизанските одреди. Во неговиот извештај, давајќи осврт на актуелната политичка ситуација, меѓу дргото, стои: „Македонското партизанско движење во својата основа пред сè е националистичко, а потоа комунистичко движење. Во нивната пропаганда за цело време акцентот е ставен на македонската национална независност. Бидејќи тие немале независност од дванаесеттиот век, очигледната брзина во приближувањето на реализирањето на оваа цел ги има обединето сите нијанси на политичко мислење и сите класи во МАКЕДОНИЈА зад партизанското движење. Фактот што сега се борат како македонска армија тие го сметаат за дел од историјата… Јас би сакал да нагласам дека денес надвор од партизанското движење не постои политичка активност во МАКЕДОНИЈА.“

Нека е честит подвигот на македонскиот народ, победа над фашизмот!“, напиша на Фејсбук професорката од Институтот за национална историја.