„Кога 60 илјади косовски Срби бараат српска република во Косово во име на Вучиќ, зошто да не бараат и 350 илјади албански граѓани од Полог Албанска Република во име на Албин Курти?“ – изјави аналитичарот Сулејман Мехази од Тетово за политичката анализа, која ја објави косовскиот весник на албански јазик „Бота сот“.

„Бота сот“ пишува: Посетата на премиерот на Косово Албин Курти во Тетово и Чаир, две општини со албанско мнозинство ја разбранува политиката во земјата и во регионот. Во Тетово беше пречекан со знамиња со албански национални симболи. Уследија остри реакции во * Македонија, Србија и Косово.

По оваа посета реагираше и претседателот на * Македонија Стево Пендаровски, кој побара организаторите да бидат казнети поради „националистички провокации“. Српскиот претседател посетата на Курти ја оцени како „Скандал на скандалите“. „Она што се случи во * Македонија беше скандал на скандалите. Таму беше промовирана идејата за ‘Велика Албанија’ и беа истакнати нејзините симболи. Курти беше претставен како премиер на сите Албанци и како премиер на Тетово“ – рече Вучиќ во едно интервју.

Додека во Македонија се коментира се уште посетата на премиерот Курти, албанскиот аналитичар во Македонија Сулејман Мехази вели дека доаѓањето на Курти во Тетово ги запали поради две работи: „(1) Одењето на Курти во селото Вејце има симболика, поради убиствата на македонските полицајци во ова село од страна на војниците на УЧК во 2001 година; (2) Полог со албанско мнозинство се споредува со северот на Косово со мнозинство Срби, кои бараат српска република внатре во Косово. Стравот на Македонците е да не ги подбуцне Албанците од Тетово и Гостивар за една Албанска Република на просторот во Полог во * Македонија.“ –вели  Мехази.

Тој истакнува дека кога Србите бараат српска Република во Косово зошто тоа да не го бараат и Албанците во име на Албин Курти. „Кога 60 илјади косовски Срби бараат српска република во Косово во име на Вучиќ, зошто да не бараат и 350 илјади албански граѓани од Полог Албанска Република во име на Албин Курти?“ – нагласува аналитичарот Сулејман Мехази.