Наспроти тврдењето на Владата во Скопје дека нема да има анекс на Договорот со Бугарија, копретседателот од бугарскиот дел на Мешовитата комисија за историски и образовни прашања, Ангел Димитров, го потврди предупредувањето од македонската опозиција.
За да се прими како сериозно кажаното од Зоран Заев во интервјуто за БГНЕС, потребно е нешто посериозно – меѓународно-правен документ, смета првиот бугарски амбасадор во независна Македонија.
„Тоа што го кажува премиерот Заев треба да биде ставено во официјален документ, со кој јасно се прифаќаат определени нови позиции, кои треба да се во согласност со Договорот за пријателство и добрососедство“, нагласи Димитров во интервју за Бугарското национално радио (БНР).
Според него, „таков документ треба да биде примен и од Собранието на Република Северна Македонија“, но не е сигурен дека такво нешто е можно, бидејќи „при сегашната политичка конспирација и несигурноста во владејачката структура, не е јасно како ќе се случи тоа“.
Тој побара од Заев да „направи напори и неговата партија да го направи тој нов чекор, едно ново придвижување напред, а не просто ногата да остане да виси во воздухот“.
На луѓето во Македонија, пак, Димитров им порача дека „треба да се замислат колку и на каков безумен начин се оддалечуваат од своето минато“!