Меѓаши бара владата да преиспита важна одлука за здравјето на македонските деца

Меѓаши

Првата детска амбасада во светот Меѓаши денес достави барање до Владата на Македонија и до Комисијата за заразни болести – Министерство за здравство, за преиспитување на одлуката за започнување на наставата во второто полугодие со физичко присуство.

На јавната дебата „Најдобар интерес за децата – за и против носењето маски и тестирањето во училиштата“ што се одржа и беше пренесувана во живо на 27.01.2022 година од 18 до 20 часот на социјалните мрежи на Меѓаши, сите панелисти се согласија дека е неопходно да се размисли дали започнувањето на наставата со физичко присуство е најсоодветниот начин на продолжување на наставата или е подобро да се започне барем две седмици подоцна или онлајн, пишува Меѓаши во обраќање до јавноста.

Врз основа на заклучоците, особено едногласноста на панелистите за проблематичноста на одлуката за започнување на наставата со физичко присуство од 1-ви февруари, Меѓаши упатуца барање до Владата и до Комисијата за заразни болести оваа одлука да се преиспита во насока на започнување на полугодието со онлајн настава барем во текот на првите две седмици од февруари или дополнително одложување на почетокот.

Меѓу другото, во барањето стои Владата да ја испита можноста за обезбедување на сите училишта, основни и средни со брзи тестови.

,,Дополнително, ве молиме за корекција на една информација што некои од медиумите ја пренесоа од вчерашната дискусија. Имено, дел од медиумите известија дека Комисијата за заразни болести предложила учебната година да почне на 20 февруари 2022., а Владата не прифатила. Тоа не е точно. Како што изјави проф. д-р Пановски, Комисијата за заразни болести предложи учебната година да почне во редовниот термин на 20 јануари, а Владата тоа не го прифати”, информира Меѓаши.

Меѓаши инфимрира и дека во текот на дебатата беа поставени и многу прашања од јавноста, на кои панелистите дадоа исцрпни одговори.

,,Се надеваме дека помогнавме во подигнување на свеста и разјаснувањето на некои прашања и дилеми кај јавноста да носат поинформирани одлуки за своите деца”, стои во реакцијата на Меѓаши.

Целата дискусија може да ја проследите на следниот линк:

Во прилог барањето до Владата за преиспитување на одлуката за почеток на наставата во второто полугодие.

Предмет: Барање да се преиспита одлуката на Владата на Р. Македонија донесена на 7-та редовна
седница одржана на 26.01.2022 година

Почитувани Премиере Ковачевски и Претседателе Босилковски,

Во пресрет на почетокот на второто полугодие од учебната 2021/2022 година, Првата детска амбасада во светот Меѓаши се обидува да даде конструктивен придонес кон отворените прашања и грижи за теми поврзани со децата и нивниот најдобар интерес.

За таа цел, сметајќи дека за секоја одлука што предизвикува спротивставени позиции во јавноста треба да има темелна, информативна и едукативна јавна расправа,
организираше јавна дебата емитувана на социјалните мрежи на Меѓаши на 27 јануари 2022 година, на која
освен медиумите беше поканета и целата јавност.

При тоа немаме намера да ја потцениме стручноста и довербата во надлежните институции што ги носат одлуките, туку да корегираме онаму каде сметаме дека
има потреба – а тоа е консултирање и почитување на јавноста при носењето одлуки за осетливи прашања што не засегаат сите.

Впрочем и мандатот на граѓанскиот сектор и е тоа – да го пренесува гласот на своите
конституенти и да биде некој вид коректор на власта.

Јавната дискусија беше на тема „Најдобар интерес за децата – за и против носењето маски и тестирањето во училиштата“ на која дискутираа лица стручни за темата: д-р Мими Кимовска Христов од
Универзитетската детска клиника, д-р Злате Мехмедовиќ од Здравствениот дом Скопје, д-р Бесник Зеќири од Институтот за белодробни заболувања кај децата „Козле“, проф. д-р Никола Пановски од Медицинскиот
факултет при УКИМ и Ана Попризова, училишен психолог.

Дел од заклучоците од вчерашната дебата се следните:
– Бројот на заболени деца што се јавиле во Институтот за белодробни заболувања кај деца во
периодот крајот на декември 2021 – почетокот на втората половина на јануари 2022., е двојно
зголемен од вообичаениот број за време на најголемите пикови во претходните бранови
– Со оглед на теквната состојба на заболени од вирусот корона САРС-2, сите панелисти се согласија
дека е неопходно да се размисли дали започнувањето на наставата со физичко присуство е
најсоодветниот начин на продолжување на наставата или е подобро да се започне барем две
седмици подоцна или онлајн
– Ставовите на мнозинството од панелистите околу носењето маски е дека треба да се носат во
затворени простории, а сите се потив задолжително носење маски на отворено и дека е пожелно
да се прават тестирања еднаш неделно во училиштата (како што предложи проф. д-р Пановски , а училишниот психолог истакна дека постоењето барем на определен број комплети за брзо
тестирање би им помогнало многу во одредени ситуации во училиштата кога ќе се појави случај на
ученик или наставник да не се чувствува добро и да знаат што да преземат).

Маските штитат
повеќекратно и не само од Ковид-19.

Во текот на дебатата беа поставени и многу прашања од јавноста, на кои панелистите дадоа исцрпни
одговори и се надеваме дека помогнавме во подигнување на свеста и разјаснувањето на некои прашања и
дилеми кај јавноста да носат поинформирани одлуки за своите деца. Целата дискусија може да ја проследите
на следниот линк: https://www.youtube.com/watch?v=99eZd5gTCq0
Врз основа на заклучоците, особено едногласноста на панелистите за проблематичноста на одлуката
за започнување на наставата со физичко присуство од 1-ви февруари, цврсто веруваме дека оваа одлука треба
да биде преиспитана во насока на започнување на полугодието со онлајн настава, најмалку за две седмици
од февруари, а потоа да се одлучи повторно за евентуално продолжување одреден период, следејќи ја
актуелната епидемиолошка состојба. Меѓу другото, сметаме дека е добро Владата да размисли за брзо
реагирање и обезбедување на сите училишта – основни и средни со брзи тестови, онака како што и голем дел
држави веќе подолго време практикуваат. Веруваме дека и приватниот сектор (особено фармацевтскиот) би
можел да излезе пресрет и да го заштити јавното или колективното здравје доколку им се обрати Владата.
Искрено веруваме дека ќе ја донесете вистинската одлука што е во најдобриот интерес на децата.

28.01.2022 г., Скопје Со почит,
м-р Драги Змијанац
Претседател и коосновач

Тимот на Првата детска амбасада во светот Меѓаши