„Претставниците на ДУИ од победничките зони на локалните избори ќе побараат соодветна застапеност во новиот владин кабинет. Во ДУИ ќе се расправа за најдобрата застапеност на оваа партија во Владата.“ – изјави за ТВ Алсат потпретседателот на ДУИ Изет Меџити.

На својот интернет – портал ТВ Алсат пишува: „Меџити вели дека е задоволен од застапеноста на Скопје во извршната власт, но, според него, може и уште подобро. Тој додава дека ќе се расправа во органите на ДУИ за ефикасноста на владиниот кабинет. ‘Од гледна точка на бројките и на квантитативната застапеност и сега не е лоша вклученоста на Скопје во владиниот кабинет, но секогаш може да биде уште подобро. Во Демократската унија за интеграција ќе се води расправа и за квантитативниот и квалитативниот аспект за најдобрата застапеност на ДУИ во Владата’ – рече потпретседателот Меџити.“

„Досега не е расправано за промена на други ресори. Покрај замената на министерството за информатичко општество и администрација за министерството за земјоделство, ДУИ очекува по конечната одлука за датумот за преговорите да се дискутира за судбината на претставниците во владиниот кабинет и за можната промена на ресорите. Меџити очекува новиот мандатар да го почитува договорот за премиер – Албанец. ‘Немавме време да навлеземе во конкретни ресори, во анализа на нивната работа и да осознаеме дали има потреба да ги менуваме. Треба да видиме како ќе заврши овој процес. Една од главните точки на договорот СДСМ – ДУИ е и првиот премиер – Албанец. Немам дилема дека ова ќе биде тема и со идниот мандатар’ – кажа потпретседателот на ДУИ Меџити.“

„На локалните избори ДУИ победи во 11 општини. Длабок резултат кон опонентите забележа во Скопје, односно Чаир и Сарај, Липково, Куманово, Струга и Кичево, како и во селските општини во Полог. Ја загуби историската тврдина Тетово, но и Гостивар.“ – објави ТВ Алсат.