„И Балканот на праг на војната – може да го спаси само решителноста на Соединетите Американски Држави“ – под ваков наслов даден од информативниот портал „АБЦ њуз“ од Албанија, информативната агенција на албански јазик ИНА од Македонија ја пренесува анализата на Јан Марек Чодакиевиц, професор по историја во Институтот за светски политики во Вашингтон и експерт за државите од Источна и централна Европа. Оваа анализа е објавена вчера во американскиот информативен портал „Њузмакс“ со оригинален наслов „Историјата на Западниот Балкан и решението на мирот“.

Чодакиевиц пишува: „Соединетите Држави штотуку одобрија продажба на воени хеликоптери на Хрватска. Русија возврати со понуда на оружје на Србија. И историјата и незадоволството сугерираат дека нешто се раздвижува. Гледаме спој на локални и регионални чинители во една глобална геополитичка игра. Не се работи само за Балканот, туку и за Украина и други.“

Инаку, авторот на оваа анализа дава поглед на случувањата на Балканскиот полуостров од 12-ти век се до денес, наведувајќи ги сите држави во овој регион, но никаде и со ниеден збор не ја споменува Македонија, ниту македонскиот народ. Дури, на картата на Балканот Чодакиевиц територијата на Македонија не ја означува ниту како Македонија, ниту со кое било друго име.

Потоа тој својата анализа ја завршува со следниот заклучок: „Иако делови од српската политичка сцена бараат приспособување кон Западот и сакаат интегрирање со Европската унија, други ја претпочитаат Русија и се надеваат на пресврт на судбината. Дали ова значи војна, или само тест на волјата, ќе видиме наскоро. Мирот таму, како и насекаде, зависи од решителноста на Америка.“

Албанските медиуми во регионот деновиве зачестено пишуваат за можниот одраз од евентуалниот „напад на Русија врз Украина“ врз Косово, изнесувајќи тврдења дека „Србија врши воени подготовки во врска со северот на Косово“, кој е населен доминантно со Срби. Во овој контекст, денес влијателниот косовски весник „Бота сот“ објави осврт со наслов „По тензиите Русија-Украина, Србија подготвува план – Албанија ќе го брани Косово“, во кој меѓу другото, пишува: „Инвазијата на Украина од страна на Русија е едно од најважните и најзагрижувачките прашања во светот. Mинистерот на Албанија за одбрана, Нико Пелеши пред неколку дена изјави дека ова прашање би можело да влијае врз внатрешните политики на некои земји од регионот, вклучително и на политичките процеси меѓу Косово и Србија.“

„Пелеши ги спомна жешките и сè уште отворени прашања на Балканот како северот на Косово, дијалогот Косово-Србија, кои би можеле да бидат засегнати, ако таму се случи воен напад. ‘Не сакам да мислам на тоа како на судир на војски и позиционирање на држави, туку зборувам за ескалација на ситуацијата, влијанието на внатрешно-политичката ситуација во земји како Србија, кои се под влијание на Русија. Имаме жаришта како што е северот на Косово и во други земји, а има и чинители и во други држави, кои ја очекуваат маглата, за да дејствуваат. Албанија е поврзана со судирот, кој би можел да се случи на Косово. Ние сме покрај нив.’ – рече Пелеши.“