Нема крај на дипломатските гафови на министерот Бујар Османи и неговиот тим во министерството за надворешни работи.

Откако пред еден месец беше промашено знаме на официјален гостин деновиве Османи во обид да се пофали со техничка функција направил нов гаф по кој МНР е изложено на потсмев во јавноста но и меѓу дипломатите, објавува Извршниот одбор на Македонскиот Дипломатски Синдикат.

Во соопштение со наслов ,,ДИПЛОМАТИЈАТА НЕ Е ПОЛИТИКАНТСТВО” МДС објаснува дека во кабинетот на Османи владее елементарна дипломатска неписменост во која се грешат и најобични дипломатски термини а министерот без никаква заслуга продолжува да се обидува да добие политички поени со ситни ПР трикови.

,,Во своите континуирани заложби за самопромоција, министерот за надворешни работи Бујар Османи преку веб страната на МНР и неговиот Фејсбук налог, бомбастично пласира информација дека Македонија станала депозитар на три меѓународни договори склучени во рамки на Берлинскиот процес.

Таму во детали се опишува како „министерот за надворешни работи Бујар Османи ги примил трите договори…“, како „оригиналните документи беа предадени од страна на Сузане Шулц, директор за Југоисточна Европа, Турција, ОБСЕ и Советот на Европа во германското МНР“, а самиот Османи во таа прилика изјавил дека доделената улога на депозитар „претставува потврда за конструктивната улога на Македонија во регионалните процеси и соработка, како и посветеност на државата за јакнење добрососедски односи, но и модел за изнаоѓање позитивни решенија за надминување на отворените прашања.“

Сето ова звучи прилично невкусно и нема никаква допирна точка со сите претходно наведени епитети, кога се знае дека депонирањето на договори во дипломатијата е целосно технички процес, дел од вкупната процедура на чување документи, пристапување или излегување од договори и по правило го спроведува оддел за меѓународно право во министерството. Ефтино политикантство.

Исто така, како професионалци сме загрижени дека трендот на елементарна јазична неписменост во кабинетот на Османи, на што и порано сме укажувале, е во подем. Во англискиот превод на соопштените е напишано дека Македонија е “depositor“, наместо “depositary“.

Веројатно кабинетот повторно ќе го брани Османи дека станува збор за „техничка грешка“, но проблемот е што разликата во двата термини е суштествена. Додека терминот depositary означува човек или ентитет на кого му е нешто доверено на чување, терминот “depositor” има токму спротивно значење и означува човек или ентитет кој што нешто доверува некому на чување.

Во секојдневниот живот, зборот “depositor” или на македонски јазик „депонент“ најчесто означува човек што депонира односно внесува свој штеден влог во банка. Во никој случај не може да биде МНР кое зема обврска да ги чува договорите.

Како македонски дипломатски синдикат не можеме да дозволиме замајување на јавноста и играње со угледот на македонската дипломатија со неосновани и неумесни фалби, непознавање и неписменост”, стои во соопштението на извршниот одбор на Македонскиот дипломатски синдикат.