Без срам и перде, господинот Бујар Османи вчера јавно, пред телевизиски камери, излажа дека поради грешка со поставување знамиња, оставка поднел директорот за протокол во МНР е реакцијата на македонски дипломати на изјавата на министерот Османи кој рече дека имало оставка за гафот со знамињата за време на посета на словенечката министерка Фајон кога пред неа беше поставено словачко знаме.

,,До кога ќе ја лаже јавноста господинот Османи? До кога ќе го жртвува угледот на дипломати за да се заштитите себеси од одговорност? Каква е таа оставка од државен службеник?”.

Овие прашања денеска на министерот Османи му го постави Македонскиот дипломатски синдикат преку соопштение.

Дипломатите тврдат дека оставка од државен службеник не постои и дека Османи лаже затоа што амбасадорот Колев не може да даде оставка туку за кратко време оди на нова дипломатска мисија во странство.

Целото соопштение до јавноста за однесувањето на Османи:

Македонски Дипломатски Синдикат
01.11.2022 г.

ДОСТА БЕШЕ ЛАЖЕЊЕ МИНИСТЕР ОСМАНИ

Без срам и перде, господинот Бујар Османи вчера јавно, пред телевизиски камери, излажа дека поради грешка со поставување знамиња, оставка поднел Директорот за протокол во МНР.

До кога ќе ја лаже јавноста господинот Османи? До кога ќе го жртвува угледот на дипломати за да се заштитите себе си од одговорност? Каква е таа оставка од државен службеник? Такво нешто не постои. Дали измислил некаков механизам за депонирање оставки на државни службеници? Тој многу добро знае дека оставки може да поднесуваат само функционери, како што е впрочем тој, кои се избрани или назначени на определен временски мандат. Службеници никако.

Лагата околу наводната оставка да биде уште побескрупулозна, споменатиот колега за една недела заминува на амбасадорска позиција во една голема земја, за каде што картите му се извадени уште пред инцидентот со знамињата. За каква оставка зборува господинот Османи?
Не загрижува неговото се почесто лажење. Летото „извади“ голем број дипломати на демонстрации пред Собранието, кога излажа дека сениорските дипломати во нашето МНР го разгледале односно се согласиле со потпишувањето на тнр. Француски предлог.

Го злоупотреби нивниот авторитет за да се покрие себе си. Потоа, излажа дека евентуалното непотпишување ќе доведе до безбедносни тензии во Македонија.

Тој во МНР лажел и високи дипломати дека ќе ја поддржи нивната кандидатура за највисоки меѓународни позиции во меѓународни организации, па потоа не го сторил тоа, нанесувајќи непосредна штета за државата.

За сопствен Пи Ар ги излажа дипломатите да се пријавуваат за амбасадорски места по е-маил, но без конкурс, за потоа колегите да се исмејуваат со нив, а тој и натаму да си испраќа свои луѓе што немаат никаква врска, ниту искуство со дипломатија. Малку ли беше срамот со ТВ презентерки и деца на јавни лица на високи дипломатски и конзуларни позиции во странство?

Дури, преку својот кабинет вршеше притисок на дипломати да клеветаат и да обвинуваат сопствени колеги за нешто што не го сториле, за да може да им отвора селективни дисциплински постапки.

Бујар Османи е единствен министер во светската дипломатска историја од кого неговите дипломати се имаат оградено, а подоцна и барале оставка. Како синдикат се согласуваме дека оставка е потребна, но не некаква фингирана, од колеги кои не можат да дадат оставка. Оставка треба да даде господинот Османи, што побрзо, зошто во желбата да проектира поубава слика за себе, преку партизирање и централизирање на куќата на дипломатијата, сака да стави се под своја контрола.

Нема да дозволиме тоа да трае. Македонскиот дипломатски синдикат ќе продолжи да се бори за зачувување на дигнитетот на професијата и за остварување на економските, социјалните, здравствените и професионалните права на вработените во МНР. Куќата на дипломатијата ќе го врати стариот сјај.

ИЗВРШЕН ОДБОР НА МАКЕДОНСКИ ДИПЛОМАТСКИ СИНДИКАТ