Македонскиот дипломатски синдикат испрати јавно писмо до шефот на дипломатијата во кое бара тој да ги исполни своите обврски кон вработените во МНР.
Имајќи предвид дека министерот Бујар Османи веќе трета година ги игнорира сите економски, социјални и професионални барања на вработените и упорно бега од разговор со Македонскиот дипломатски синдикат на овие теми, принудени сме преку вас да го доставиме ова отворено писмо до него, со надеж дека сепак ќе смогне сили да одговори позитивно на нашите барања за разговор, пишува во писмото до Османи Македонски дипломатски синдикат кое ви го пренесуваме во целост.
Министер Османи,
До кога мислите да се криете и не одговарате на повеќе барања на Македонскиот диопломатски синдикат да се разговара за покачување на платите на вработените и за исплатата на К-15 за 2022 година, што согласно Колективниот договор ни следува. Ваквото однесување не е ниту чесно, ниту одговорно, ниту професионално.
Сметаме дека едно вакво минорно внимание заслужуваме сите – и оние што работат 5 и оние што работат 25 години во Министерството.
Дали сте свесни дека со нашите плати не се излегува до крај на месецот? Дали сте свесни дека се поголем број дипломати заглавува во кредити до гуша? Дали сте свесни дека со концентрирањето на моќта го оставате министерството да гнили и дека само мал број привилегирани учествува во рааботата на министерството во вистинска смисла на зборот и патува на службени патувања, па со неколку дневници колку-толку може да го истера месецот?
Дали некогаш сте ја употребиле на Влада моќта што ја имате како министер и да проговорите за животниот стандард на дипломатите? Дали некогаш сте ги информирале своите колеги во Владата дека нето просечната плата во МНР која изнесува 27.000 денари, според Државниот завод за статистика е поблиску до платите во дрвната, текстилната и индустријата на преработување кожа, отколку до просечната плата во државата која што изнесува 31.800 денари? Дали сте свесни дека касиерките во супермаркетите имаат поголема од просечната плата на дипломатите?
Дали сте свесни дека платите на интелектуалниот пазар на трудот се мислена именка за дипломатите? Дали сте ги погледнале августовските податоци на Државниот завод за статистика за најголемите плати во државата? Таму ќе видите дека финансиско-услужните дејности и производството на фармацеутски препарати е во просек платено околу 50.000 денари, а дека компјутерското програмирање се цени во просек 83.500 денари нето плата.
Како очекувате да имате макар и просечна дипломатија со потпросечни примања? Зарем навистина трудот на дипломатските работници до толку (не) е ценет во државата?
Не ја запоставувајте дипломатијата и потрудете се, за разлика од вашиот претходник Никола Димитров, да ја оставите куќата на дипломатијата на вашиот наследник во колку-толку пристојна состојба. Патот што го одбравте не не води натаму.
ИЗВРШЕН ОДБОР НА МАКЕДОНСКИ ДИПЛОМАТСКИ СИНДИКАТ