Матичната компанија на „Google“, „Alphabet“ објави дека планира да укине 12.000 работни места ширум светот, што одговара на шест отсто од нејзината работна сила.
Одлуката за отпуштање се совпадна со бранот кратења на работни места во компаниите низ САД, особено во технолошкиот сектор, каде што компаниите отпуштија повеќе од 290.000 работници од почетокот на годината, според сајтот за следење отпуштања Layoffs.fyi.
Работниците на канцеларијата на Гугл во Цирих, каде работат околу 5.000 вработени, протестираа против најавените отпуштања уште во февруари. Претставник на Синдиком, синдикатот на работниците во ИТ секторот, рече дека повеќе од 2.000 вработени понудиле да им ги намалат платите и бројот на работни часови наместо да им дадат отказ.
„Google“ очигледно го одбил нивниот предлог.
„Нашите членови во Гугл Цирих и сите вработени кои се приклучија на штрајкот покажуваат солидарност со оние кои се отпуштени“, рече портпаролот на Синдиком. Ним им пречи нетранспарентноста при отпуштањата, а особено се разочарани што „Google“ отпушта работници, иако секоја година заработува милијарди долари.
Портпаролот на Google рече дека компанијата одлучила да го намали бројот на вработени со цел да го задржи бројот на работни места во согласност со највисоките приоритети. „Процесот на консултации во Швајцарија е завршен и вработените чии работни места беа засегнати се известени“, рече портпаролот.