Објавата на прогласот на група интелектуалци за македонско-бугарските односи, согласно со очекувањата на иницијалните потписници, предизвика мноштво коментари, но и барања на повеќе луѓе и со својот потпис да го поддржат овој текст.

Акцентот на прогласот, што на 13 јануари го потпишаа и го објавија Божидар Божиновски, Ивица Боцевски, Митре Велјаноски, Бранко Героски, Жидас Даскаловски, Александар Диневски, Елка Јачева Улчар, Слободанка Марковска, Владимир Милчин, Ивор Мицковски, Симона Спировска, Катица Ќулавкова и Ивица Челиковиќ, не беше ставен на масовноста на потпишувањето, туку на квалитетот на прогласот и на идејата тој да биде основа за натамошен дијалог за значајните теми и прашања на кои тој се осврнува.

Во меѓувреме, со своите потписи, кон овој документ се придружија Благој Зашов, Љупчо Арсов, Марко Трошановски, Жанета Трајковска, Јоргос Пападакис, Лилјана Поповска, Борис Ангелов, Николај Павловски, Ема Маркоска Милчин, Никола Ристески, Славица Јовановска, Никола Пројчевски, Трпе Арбелски, Ангела Илиевска, Љубен Тодоровски, Оливера Станчева Тодоровска, Кирил Ангелов, Цветанка Симеонова, Јована Стефановска, Нена Стаматовска, Горан Мицковски, Владо Бојков, Петар Силјановски, Нада Ступар, Александар Бичиклиски, Катерина Тодороска, Дивна Лазарова, Гроздан Цветковски, Илија Лазаров, Хасан Селмановски, Орхан Куртишов, Мери Куновска, Веса Томеска, Васо Радивојевиќ, Авни Ципало, Мојсо Момировски, Весна Наумовска, Горан Новко, Мирче Крстевски, Валентина Каралиоска, Билјана Џаџиева, Николај Павловски, Велика Стојкова-Серафимовска, Дарија Андовска, Венера Џинлева, Оливера Николова, Мите Стефоски, Лазе Трипков, Јана Манева Чупоска, Ана Дукоска, Ана Чучкова, Оливера Николова, Милан Ристевски, Благица Сековска, Јагода Тренеска-Цветичанин, Силвана Сидоровска-Чуповска, Анита Ангелевска, Сута Топкоска, Ружа Ѓорѓеска, Ангела Андреевска, Елица Младеновска, Нада Манасиева, Бранко Богучевски, Виолета Карагунова, Роза Катиновска, Ана Динковска-Божиновска, Елени Цветановска, Слаѓана Јовановиќ, Стојан Пејоски, Љубица Димовска, Лилјана Стојановска, Љиљана Никуљска-Сарчевска, Дарко Русевски, Петар Ѓошов, Марија Ѓошова, Исток Ј. Улчар, Игор Улчар, Вера Јачева, Марина Тодороска, Благородна Велкова, Марија Арсовска, Иван Панов, Биљана Наумовска, Зоран Богдановски, Верица Анѓушева, Валентина Петрушевска, Владица Кокаловиќ, Лилјана Дамовска, Велика Стојкова, Јован Петровски, Мирче Чекреџи, Мирко Списовски, Вера Најдовска, Сергеј Андреевски, Зоран Пејковски и многу други.

Иницијаторите ги замолија сите што го поддржаа прогласот, а не се спомнати на дополнителниот список на потписници, да го споделат на своите профили на Фејсбук и да го потпишат. За таа цел, Плусинфо повторно го објавува текстот на прогласот:

МАКЕДОНИЗМОТ Е ЛЕГИТИМНА ЕМАНЦИПАТОРСКА ИДЕЈА. ЧУМУ Ѝ Е НА ЕВРОПА ЕДНА РАЗМАКЕДОНЧЕНА МАКЕДОНИЈА?

Во овие судбински денови за европската иднина на нашата татковина, длабоко загрижени поради фактот што таа станува заложник на апсурдните барања на Република Бугарија, одлучивме да се обединиме во мислата и во зборот за Македонија, се апелира во Прогласот.

„Македонија не може и не смее да прифати концепт на бугарски корени на македонскиот народ и нација. Наводниот бугарски историски идентитет на Македонците не е и не може да биде основа на новиот европски идентитет на државата.

Македонија не може и не смее да се согласи со опцијата составен и базичен дел од европската преговарачка рамка со Македонија да бидат рамковната позиција на Министерскиот совет на Република Бугарија и Декларацијата на Народното собрание на Република Бугарија од 10 октомври 2020 година, затоа што со овие два документа се негираат посебноста на македонскиот народ, неговиот јазик и другите национални одлики на македонската култура. Таквите уцени не се европска вредност и затоа треба да бидат изземени од преговарачкиот процес за евроинтеграцијата на нашата држава, како штетни и ирелевантни.

Македонизмот и Македонија не се ретроградни феномени. Напротив, македонизмот е еманципаторска и обединувачка идеја, а нејзината реализација е фактор на мир и стабилност во регионот и во Европа. Нема разумна причина да се тврди дека македонизмот внесува неспокојство кај другите балкански народи, вклучувајќи го и блискиот и пријателски бугарски народ. Европската Унија познава повеќе примери на народи кои во историјата имале допирни точки, но тоа не било причина да се негира автентичноста и посебноста на секоја национална култура. Современа Македонија, во историска смисла, не е нечиј недовршен политички проект.

(…)

Разговорот за посебното и за заедничкото во историјата не смее да се води врз основа на културен и историски хегемонизам, а најмалку пак под политички диктат и вакви груби уцени, на какви што е изложена нашата татковина.

(…)

Апелираме процесот за евроинтеграција на нашата држава да продолжи во духот на меѓусебно почитување и уважување на вложените напори од македонска страна за исполнување на критериумите за членство, при што треба неизоставно и безусловно:

– да се применуваат позитивните и општоприфатени меѓународни конвенции и декларации на ООН за правото на самоопределување и за човековите права и слободи;

– да се почитува слободно изразената волја на македонскиот народ, неговата етничка и духовна посебност;

– да се почитува волјата на македонските граѓани, припадници на македонската Република, да живеат во цивилизирани добрососедски односи и да ја продолжат практиката на соработка меѓу културните, научните, образовните, религиските и економските институции, и

– да не се создава конфликтен амбиент во Македонија, да се зачува мирот и слободниот развиток кој подразбира просперитет, алтернатива, демократија и достоинствен живот, вклучително и љубов кон сопствената татковина и држава.

Согласно со духот и словото на ова наше обраќање, испраќаме пријателски поздрави и до граѓаните на Бугарија, до бугарската јавност и до бугарските интелектуалци, изразувајќи подготвеност да започнеме дијалог, со единствена цел за нештата за кои имаме блиски, но и различни, па дури и спротивставени ставови, да разговараме и да дебатираме цивилизирано, отворено и без предрасуди, водени од мислата дека на тој начин можеме суштински да придонесеме кон подобрувањето на односите меѓу нашите две земји и нашите два народа.