Шефот на германската дипломатија Хајко Мас не гледа причина во решавањето на спорот да се вклучуваат трети страни, но вели дека Берлин е секогаш подготвен да помогне и да го сподели своето искуство. 

По состанокот со македонскиот колега Бујар Османи во Берлин, Мас уште еднаш ја истакна поддршката на Берлин за почеток на пристапните преговори на Македонија со ЕУ „што е можно побрзо“. 

„Германија е сериозна за ЕУ перспективата на земјите од регионот и тоа особено важи за Северна Македонија, која одамна ги исполни условите за почеток на преговорите. Затоа минатата година многу се заложивме за одржување на меѓувладината конференција, но тоа не беше можно. Сега го поддржуваме португалското претседателство да го стори тоа. Не само што тоа го сметаме за логично, туку и за неопходно, не само од аспект на довербата на граѓаните во с. Македонија, туку и поради интересот на ЕУ, колку е можно побрзо да ја одржиме меѓувладината конференција“, рече Мас.

Германскиот министер го смета за добар сигнал „продолжувањето на реформите во С. Македонија“. 

„Продолжувањето на реформската агенда, особено во делот на владеењето на правото, е добра вест. Се движиме кон заедничката цел и Германија останува на ваша страна“, порача Мас. 

Османи и Мас се согласни дека бугарската блокада не е причина да се разделат с. Македонија и Албанија од преговарачкиот процес. Дојче веле