Македонија ја оправда улогата на апсолутен фаворит против Мароко, славејќи со 40:25 за второто место во групата од Претседателскиот куп во Плоцк, кое носи дуел со Јужна Кореја в среда од 18 часот за 27. позиција на 28. Светско првенство за ракометари во Шведска и во Полска.

Мароканците се држеа до 13:11 за „црвено-жолтите“, кои потоа ги збија редовите и на полувреме заминаа со водство од 18:12, за во второто целосно да го разбијат противникот и да го совладаат со идентичен резултат како против Алжир.

Македонија реализира дури 18 контранапди наспроти само трите на северноафриканската селекција, но за играч на натпреварот беше прогласен голманот Мартин Томовски.

Средниот бек Филип Кузмановски беше прво име во македонскиот напад со 8 гола од 10 удари, левото крило Петар Атанасиевиќ застана на 7/8, а десниот бек Мартин Серафимов и десното крило Ненад Костески не промашија ниту еднаш од шест обиди.