Државниот пазарен инспекторат казнил трговски објект со 7.000 евра затоа што не ја почитувал мерката за замрзнување на лебот на 33 денари, објави директорот Горан Трајковски. Според висината на казната, најверојатно се работи за поголем маркет, а казнет е и раководителот со 350 евра.

„Извршени се над 100 надзори и контроли, повеќето трговци ги почитуваат Одлуките, освен еден економски субјект, каде е утврдено дека е прекршена Одлуката за замрзнување на цената на лебот до 33 денари, за што е издаден прекршочен платен налог во вредност од 7000 евра за правното лице и 350 евра за одговорното лице. Инспекторите и понатаму се на терен и вршат контроли по основ на Одлуките донесени од Владата“, информира Трајковски на Фејсбук.
Според првиот човек на ДПИ, од она што денеска го видел со свои очи, се почитува мерката за намалување на цените на тестенините и млечните производи и порача дека ќе се казнува без селективност.
„Од она што денес јас го видов на терен заедно со премиерот Димитар Ковачевски и министерот за економија Крешник Бектеши, како и информациите од моите колеги од пазарниот инспекторат, во целата земја се почитуваат мерките од Одлуките на Владата за намалување на цените на тестенините и млечните производи. Повикувам трговците да ги усогласат цените, затоа што ќе се казнува без селективност“, нагласува Трајковски.