Уште 100.000 луѓе остануваат под опсада во Мариупол, алармираше синоќа украинскиот претседател Володимир Зеленски во видео порака.
„Во нехумани услови. Во целосна блокада. Без храна, без вода, без лекови. Под постојано гранатирање, под постојано бомбардирање.
Според него, обидите за организирање стабилни хуманитарни коридори за евакуација на цивилното население од градот се спречени со акциите на руската војска.
Во вторникот на 22 март беше киднапирана една од хуманитарните колони. Вработени во Украинската служба за итни случаи и возачи на автобуси се заробени, рече Зеленски.
Во своето обраќање тој исто така рече дека разговарал со папата Франциско и го поканил да ја посети Украина.
„Се заблагодарив на Неговата Светост за неговата јасна и силна позиција против војната и за неговите молитви за Украина… Верувам дека ќе успееме да ја организираме оваа важна посета, која недвосмислено ќе го поддржи секој од нас, секој Украинец.
Зеленски ги коментираше и разговорите со руската страна, истакнувајќи дека тие се одржуваат секојдневно, но „многу тешки и понекогаш со скандали“.
