Денеска не сме добиле нов француски предлог или нацрт предлог, туку бугарското собрание изгласа декларација во која ги реафирмира или видеоизменува своите ставови, ние ги изнесовме своите ставови на самитот вчера и доколку успее врз основа на тие изнесени позиции француската влада, претседателот и француското претседателство со ЕУ да предложи нов поинаков предлог, ние ќе бидеме подготвени да го разгледаме и да видиме дали нашите позиции и црвени линии, дали се внесени и задоволени за да можеме да разговараме, изјави вицепремиерот за евроинтеграции, Бојан Маричиќ, во вечерашната Топ Тема на Телма.

Сигурни сме дека ние ќе инсистираме позициите кои ги изнесовме да бидат вградени во целиот пакет и во преговарачката рамка и во заклучоците, за да бидат прифатливи и кај нас, додава Маричиќ на прашањето која е гаранцијата дека македонските позиции ќе бидат дел од францускиот предлог.

Наша цел не е да правиме непријатели, што не значи дека секогаш ќе се согласуваме со нив, изјави вицепремиерот за евроинтеграции за реакциите кои ги предизвика францускиот предлог.

Ние имаме двоен интерес во целата работа. Имаме интерес да го зачуваме нашиот идентитет и јазик и достоинствено да влеземе во преговорите со ЕУ и од друга страна имаме интерес да ги почнеме преговорите за членство во ЕУ, цел која ни е зацртана од 1992-та година и е наша стратешка цел, изјави Маричиќ.

Јас не можам да го толкувам премиерот Ковачевски – изјави Маричиќ на прашањето да ја коментира изјава на премиерот дека има одредени експерти во државата кои создаваат хистерија заради некои трети земји.

„Факт е дека постоеа луѓе, поранешни политичари, луѓе кои се заинтересирани за овој процес, кои или погрешно ги информираа или намерно креваа тензија, дел од политичките партии или медиумите.“ – смета Маричиќ.

Според вицепремиерот за евроинтеграции, многу поважно за државата е да се даде поддршка во преговорите на владата која има рамка за ставовите и позициите, отколку да се праќаат патетични СМС пораки на министри за надворешни работи низ Европа во која ќе ги повикуваме да го одбијат предлогот.