Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) е првата државна институција во Македонија што се спротивстави на промената на името со додавање на „Северна“ во него!
Откако дознала дека во Собранието е доставен предлог за промена на нејзиното име според Преспанскиот договор, највисоката научна институција во државата писмено се обратила до законодавниот дом и до Владата како предлагач со барање законот да биде повлечен.
„Пративме официјално барање до Собранието и до Владата со кое посочивме дека сакаме да се повлече законот за промена на името на МАНУ. Вчера добивме известување од Парламентот дека предлог-законот ќе биде повлечен“, изјави за Алфа ТВ претседателот на МАНУ, Љупчо Коцарев.
Неофицијално, само поранешниот прв човек на МАНУ, Абдулменаф Беџети, се согласил со промена на името во „Академија на науките и уметностите на Република Северна Македонија – МАНУ“.
„МАНУ успеа да си го задржи името. Го одбија дописот од Владата за итна промена во нешто перверзно како Национална Академија на ….Северна Македонија. Против само академикот Беџети. По натегања, Владата мораше да попушти. Браво за Македонската академија!! Камо вака сите институции да не попуштаа“, прокоментира на Фејсбук претседателката на партијата Глас за Македонија, Солза Грчева.