Манчевски: Шест фирми на раководството на ДФРМ го собираат кајмакот од парите за македонскиот филм

Режисерот Милчо Манчевски во анализа со наслов ,,ЗА ГРАБЕЖОТ И ПАРТИЈАТА ВО АГЕНЦИЈАТА ЗА ФИЛМ”, објаснува дека
еден-двајца политичари кои дури не се ни во Владата, но владеат со неа и пет-шест филмски мафијаши пљачкосуваат, го игнорираат цел свет и сите ги влечат за нос.

Во текстот објавен вчера Манчевски вели дека Агенцијата за филм вчера имала состанок со продуцентите во обид за damage control (КОНТРОЛА МА ШТЕТАТА) затоа што филмаџиите се со право огорчени.

,,На тој состанок не е поканета една од најуспешните и најголеми продуцентски куќи во земјава, „Банана филм“ затоа што е – незаконски – на црна листа на Агенцијата. Затоа, да ги потсетиме тие што одат на овој состанок:

Незадоволството на филмските работници е предизвикано од нестручно и корумпирано работење на Агенцијата за филм. Државата одвојува пари за филмска дејност, ама тие се крадат и се трошат нестручно. Откако се објави резултатот од конкурсот на Агенцијата за филм, филмаџиите негодуваа на социјалните мрежи и во медиумите. Ја поздравуваме јавната реакција на колегите. Вон памет е да се поддржи само еден игран филм, а дури осум малцински копродукции – освен ако на малцинските копродукции не се гледа како на најлесен начин да се украдат државни пари”, пишува режисерот кој открива дека шест фирми чии газди се луѓето кои го водат Друштвото на филмски работници на Република Македонија всушност се најголеми приматели на пари од филмскиот фонд.

,,Се разбира, тука можеме да прашаме и зошто шесте фирми во директна и индиректна сопственост на раководството на ДФРМ го собраа кајмакот на последните неколку конкурси и зошто филмови на автори кои никој не ги гледа и никаде не патуваат добиваат двојно поголема поддршка од филмови на успешни автори. Можеме да прашаме и зошто годинава не е снимена ниту една минута домашна продукција”, смета Манчевски кој ја обвинува владата за поддршка на криминалот во македонскиот филм.

,,Единствена релевантна институција на планетава која ја поддржува катастрофалната и криминална работа на Агенцијата е Владата:

. Антикорупциската комисија откри судир на интереси и незаконско работење во Агенцијата пред три години, а сега повторно го испитува работењето на нејзиното раководство.

. Државниот завод за ревизија изрази негативно мислење и наведе причини за покренување кривични постапки.

. Комисијата за заштита на конкуренција го разгледува случајот на незаконско давање државни пари на приватно здружение (ДФРМ).

. Транспаренси интернешнл на два пати годинава заклучи дека во Агенцијата не се работи незаконски.

. Мисијата на Европската комисија во Македонија побара објаснување од Министерството за култура поради работата на Агенцијата.

. „Банана филм” поднесе шест кривични пријави за корупција, судир на интереси, местени конкурси, итн.

. Инспекцијата на Министерството за култура – на барање на Агенцијата за филм – испита и заклучи дека во „Банана филм“ се работело законски. Сепак, Агенцијата – спротивно на одлуката на инспекцијата – поднесе кривична пријава како форма на политички прогон против укажувач на корупција. Агенцијата ја искористи таа кривична пријава – како и пропагандните текстови со месеци пласирани во партиски медиуми за државни пари – за незаконски да ги замрзне проектите на „Банана филм“ (вклучувајќи го и веќе завршениот и дистрибуиран филм „Кајмак“).

. Whistleblowing International отвори случај во кој го испитува политичкиот прогон против укажувач на корупција.

. И Хелсиншкиот комитет за човекови права отвори случај.

. Дури и најстариот фестивал на светот, Венецијанскиот, застана во одбрана на Милчо Манчевски поради политичкиот прогон во кој учествуваат главешините на Агенцијата и на ДФРМ.

. На Венеција ѝ се приклучи и Меѓународната федерација на филмски критичари, како и локалниот огранок на FIPRESCI.

. Медиуми и сериозни колумнисти ја обвинија Владата за прогон на укажувач.

. Министерството за култура ѝ упати писмо на Агенцијата во кое посочува дека нејзините постапки се незаконски.

. И Управниот суд пресуди против Агенцијата.

Не веруваме дека имало друг случај во историјата на Македонија толку многу различни институции и поединци отворено да посочуваат дека државни службеници работат исклучително лошо и криминално, а Владата мува да не ја лази. За криминални приватни интереси се уништува цела една дејност која до сега гордо ја претставувала Македонија во светот. Еден-двајца политичари кои дури не се ни во Владата, ама владеат со неа и пет-шест филмски мафијаши пљачкосуваат, го игнорираат цел свет и сите ги влечат за нос”, пишува Манчевски кој тврди дека дел од буџетот на Агенцијата наместо на филмови се трошат на судски трошоци, а наскоро и на казни и камати.

,Со години огромни пари се одлеваат на незаконско издржување на приватно здружение (ДФРМ), за адвокатски услуги и за пи-ар агенции – кои служат за притисок, дискредитација и елиминација на неистомисленици во филмската дејност. Народни пари за приватни потреби”, смета режисерот.