Малески: Македонија не треба сама да си ја пишува историјата како што сака

Првиот министер за надворешни работи на Македонија професорот Денко Малески смета дека земјава по договорот со Грција а во контекст на спорот со Бугарија не ја научила елементарна лекција според која не е дозволено секој народ да си ја пишува историјата како што сака.

Во колумна за Фокус Малески вели дека се заборави дека постои нешто што се вика објективна научна мисла, која беше и сѐ уште е на страната на нашиот јужен сосед. Според него Грција била во право затоа што античка Македонија, во една поширока смисла, е дел од грчкиот свет.

,,Си мислам, тоа би било пандан на правото секој поединец да си ја пишува својата биографија токму како што ќе посака. Па, да си напише дека е добитник на Нобелова награда за литература или светски првак во тенис или што било друго.

И покрај сознанието дека историските наративи на народите се полни со митови, сепак, и со тоа не треба да се претерува. Имено, и митовите не се производ на измислици, туку почиваат и врз определени историски факти.

Инаку, зошто маката да се истражува историјата и да се утврдуваат фактите. Зошто Хистори ченл? Се разбира, последниот сум што би рекол дека силата не игра улога во односите меѓу државите.

Пред години цитирав истражување на еден американски научник, кој статистички покажал дека, во последните 200 години, во споровите меѓу државите, во 80 проценти од случаите правдата била на страната на посилната држава.

Сепак, во вакви деликатни и ретки идентитетски несогласувања, како во нашиот случај со Грција и со Бугарија, образованието на светските политичари што носат одлуки во име на своите држави, има важна улога”, пишува Малески во колумната за Фокус според чии зборови македонската историја треба да ја пишуваат Грција, Бугарија и другите поголеми и помоќни земји.

Предходно Малески чиј татко ја напишал македонската химна за бугарски медиуми изјави дека Македонците и Бугарите биле еден народ.