„Сите што ја сакаат земјата со двете раце ќе го прифатат помалиот ризик и ќе ги подржат уставните измени.“ – вели д-р Мирјана Малеска, универзитетска професорка по политички науки, во својата колумна со наслов „Чекајќи ги уставните измени“, која ја објави весникот „Слободен печат.

Покрај другото, во колумната Малеска пишува: Во книшката „Бугарската политика спрема Република Македонија“ потпишана од Љубомир Иванов и соработниците, барањата на Бугарија се образложуваат со овие зборови: „Променета етничката самосвест во Македонија е факт кој треба да се прифати како нова реалност. Но, бидејќи, продолжува српско-југословенскиот проект, наметнат со сила и репресија, применуван без измени секогаш на антибугарска основа, во поразлична средина и со нови протагонисти, предлагаме уставна заштита на оние Македонци кај кои е сочувана бугарската етничка припадност“.


Со ова образложение може да се спори, но во споредба со минатите политики на Бугарија, звучи прагматично. Дури ни оди во прилог, бидејќи нуди решение на еден долг, заплеткан спор меѓу двете држави.

Претходно, владата на премиерот Зоран Заев се обиде да ги подобри соседските односи и во 2017 е потпишан Договор за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија. Собранието со 61 глас го ратификува договорот, но опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ не присуствуваше на седницата. Наредните години ќе се крене лавина од груби, лажливи, невистинити, неосновани обвинувања кон владата и кон соседите дека се оспорува нашиот идентитет и јазик.

Националистичката еуфорија, предводена од опозицијата, трае до денес. „Виновник“ за ваква негативна кампања е синтагмата од договорот за „заедничка историја“, додека правата на бугарското малцинство во уставот воопшто не се спомнати.

Во моментот е јасно дека политиката на ВМРО-ДПМНЕ, која два пати ги бојкотира договорите, што отвораат пат за подобра и побезбедна иднина на земјата, многу веројатно ќе продолжи во таа насока. Што можела да стори Владата, освен да го прифати, или остави предлогот на ЕУ? Таа има легитимно право на избор, што потоа Собранието ќе го потврди или отфрли.

Вистина е дека, доколку во иднина бугарска политичка партија влезе во Собранието, ќе се усложни политичкиот процес на постојано договарање меѓу заедниците. Тоа не мора нужно да биде лошо за мултиетничка држава. Ќе има, по можност, дополнителен балансер на односите меѓу заедниците.

Вистина е дека бугарската заедница, колку и да е мала, според пописните резултати, ќе ги ужива правата на другите малцинства, како правична застапеност во јавната администрација, војската и полицијата. Државата ќе преземе обврска да го помага образовниот и културен развој на таа заедница, што значи уште еден нов корисник во прерасподелбата на и онака слабите општествени ресурси.

Вистина е дека постои опасност од мешање на Бугарија во внатрешните работи на земјата. Да, постои неизвесност и извесен ризик од вклучување на бугарското малцинство во уставот, но неспоредливо поголем е ризикот Македонија да не ги продолжи пристапните преговори, да го изгуби компасот и да заостане зад соседите. Тоа ќе го заостри судирот меѓу Скопје и Софија и ќе створи потенцијал за регионална нестабилност.  Не сум сигурна дека меѓународниот контекст дозволува такво нешто. Сите што го разбираат ова и ја сакаат земјата со две раце ќе го прифатат помалиот ризик и ќе ги подржат уставните измени.