„Во врска со поттикнатите уставни промени очекувам албанските политички партии, и од власта и од опозицијата, да покажат поизразен политички прагматизам: покрај процесот на обединување и целосно формирање на оваа држава, да ги постават и барањата за правата на Албанците како неделив процес и како конститутивен елемент на оваа држава.“ – вели д-р Мерсим Максути, професор по уставно право во Правниот факултет на државниот Универзитет во Тетово, во својата колумна, која ја објави информативната агенција на албански јазик Илирија – ИНА.
Максути пишува: Пакетот на уставни амандмани, поточно членот 7 од Уставот, треба да претрпи целосна преформулација каде што би бил отстранет изразот „20 проценти“ за Албанците и албанскиот јазик би се признал со ист статус и третман исто како македонскиот јазик.
Во овој момент ваквото барање се поставува како неопходно, дотолку повеќе што Законот за правото на употреба на јазиците на заедниците (читај: на албанскиот јазик), кој не се спроведува целосно, предвидува поширока примена на употребата на албанскиот јазик на сите рамништа на власта, во администрацијата, судството, обвинителството, Владата, Собранието и тн.
Во овој случај треба да се уреди со Уставот и правната основа на овој закон како гаранција дека утре нема да биде загрозен од страна на Уставниот суд и да биде од него прогласен како неуставен, по што би уследило негово повлекување од употреба!