Макрон против „потесни“ врски меѓу НАТО и Јапонија

Францускиот претседател Емануел Макрон вчера се спротивставил на притисокот на НАТО да отвори канцеларија за врски во Јапонија, пренесе АФП.

Потсетуваме дека западната воена алијанса се стреми да ја зајакне соработката со азиско-пацифичките демократии, а втора година по ред, лидерите на Австралија, Јапонија, Нов Зеланд и Јужна Кореја присуствуваа на самитот на НАТО.


НАТО планира да отвори канцеларија за врски во Токио за да помогне во подобрувањето на соработката со Јапонија.

Но, Франција го блокираше потегот, инсистирајќи НАТО да се фокусира на својата одговорност да ја заштити евроатлантската област.

Макрон смета дека географскиот принцип останува важен и не треба да се остави впечаток дека НАТО на некој начин гради легитимитет и воспоставува присуство во други области.

Одбивањето на канцеларијата на НАТО од страна на Макрон ги налути дипломатите на сојузниците.

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, по средбата со јапонскиот премиер инсистираше дека отворањето канцеларија за врски останува „на маса“.