Бура од негодување во Бугарија предизвика неодобрувањето од Холандија за влез на земјата во Шенген, наспроти зеленото светло за Романија и Хрватска, а во „пресметката“ со „колонијална Европа“ експертот Петар Кичашки ја вовлече и – Македонија.

„Холандија ни става вето не за друго, туку за да си го гарантира монополот на своите пристаништа во обработката на товарите. Нашето одвојување од Романија не е ни повеќе ни помалку туку отворено понижување. Ја чуваме надворешната граница на ЕУ и со Турција, и со Србија, и со Северна Македонија. Не го правиме тоа полошо и ако ги погледнеме податоците за обртот на дрога низ Ротердам, јасно е дека тоа го правиме подобро и од самата Холандија.

Бугарија мора да влезе во Шенген и ако Холандија си дозволи да нè третира како европски граѓани од втора категорија, тогаш треба да им докажеме дека сме ЕДНАКВИ со нив. Холандија нам не ни е началник.

Прво, в понеделник да достави протестна нота до холандскиот амбасадор.

Второ, нашиот амбасадор таму да биде вратен во Софија на консултации.

Трето, Бугарија треба да го блокира секој предлог на Холандија, наметнувајќи вето на него. За сè.

Четврто, Бугарија треба да ги искористи сите дипломатски канали за да изврши притисок врз Холандија. Да го побараме ‘пријателот Макрон’, кој ни е должен по вревата за Северна Македонија, и да побараме од него посредување и застапништво за нас. И тој не е единствениот кој ни должи.

Петто, претседателот треба да почне итни консултации со другите европски лидери, како и да побара директна средба на високо ниво со холандските властодршци.

Ова треба да биде само почеток.

Бугарија не е за поигрување. Бугарија не е втора рака членка на ЕУ.

Бугарските граѓани не се осплужувачки персонал на самозаборавената колонијална Европа. Ако во Амстердам, Париз или Берлин мислат поинаку, треба да им покажеме дека грешат. Не може да има компромис за ова прашање. Никаков!“, „грми“ на Фејсбук адвокатот, активист за човекови права, извршен директор на Институтот за модерна политика и од 2017 година член на Комисијата за заштита од дискриминација.