Претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ, добил заедничко писмо од претседателот на Франција, Емануел Макрон и од канцеларот на Германија, Олаф Шолц, пренесуваат белградски медиуми.

Во писмото се вели:

„Ви го испраќаме ова заедничко писмо во момент од клучно значење за безбедноста на европскиот континент и стабилноста во регионот на Западен Балкан.

Убедени сме дека, во светлината на руската агресија врз Украина, мора да вложиме уште посилни напори, за европската перспектива на земјите од Западен Балкан да стане реалност и да се решат долгорочните билатерални и регионални спорови. Целосната нормализација на односите меѓу Косово и Србија е од суштинско значење за Западен Балкан.

Ви се обраќаме како лидер на вашата земја, со цел да апелираме да покажете максимална решителност и подготвеност за носење тешки одлуки, кои водат до напредок во дијалогот меѓу Косово и Србија, под покровителство на ЕУ.

Неодамнешните тензии покажаа дека итно се потребни конструктивни чекори напред, и на практично и на политичко ниво. Затоа, ги задолживме нашите советници за надворешна и безбедносна политика, Јенс Плетнер и Емануел Боно, да му дадат директна поддршка на Мирослав Лајчак во неговите напори.

Предлагаме нашите советници, заедно со Мирослав Лајчак, да ги посетат Косово и Србија, со цел да ги истражат можностите за брзо придвижување на процесот. Искрено се надеваме дека оваа иницијатива ќе наиде на вашиот интерес и поддршка“, се вели во заедничкото писмо на Макрон и Шолц.