Синоќа одново избувнаа протести низ Франција, неколку часа откако владата ги усвои исклучително непопуларните пензиски реформи и преживеа две гласања за недоверба, пренесе Ројтерс

На првото гласање за недоверба на центристите имаше 278 гласа „за“, наспроти 287-те потребни за соборување на владата.

На второто гласање поднесено од екстремно десничарскиот блок имаше само 94 гласа „за“.

Пратениците од опозицијата ветија дека ќе ја продолжат борбата против новиот закон.

Демонстрантите запалија купишта ѓубре во центарот на Париз, кои со денови не се собираат поради штрајковите против зголемувањето на старосната граница за пензионирање.

Како одговор, полицијата употреби водени топови и сила за да ги растера демонстрантите.

Медиуми јавуваат за уапсени 234 лица.

На улиците на Париз синоќа беа распоредени 2.000 полицајци, а за време на нередите се повредени 11 полицајци, јавува порталот на француската телевизија BFMTV.

Пожарникарите во Париз гаснеа 240 запалени купишта ѓубре, кои останаа на улиците на француската престолнина поради штрајкот на комуналните работници.