„Макпетрол“ пак ќе ги снабдува ЕСМ со гас – за месец март понуди најниска цена

Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) ќе набавува гас од „Макептрол“ за месец март, откако домашната компанија на тендерот, понуди најповолна цена од 60,10 евра по мегават час без ДДВ.

На јавниот повик, трет по ред, покрај „Макпетрол“, се јавија и бугарските копании – „Балкан Јутилитис“ која понудила цена од 67 евра и „Актаел“ со цена од 78 евра.

Во изминативе два месеци ЕСМ набавуваше гас од „Балкан Јутилитис“ по многу повисока цена, од онаа на берзата за гас.

„Го поддржуваме фактот што ’Макпетрол‘ одлучи да учествува на повикот, да достави понуда со фиксна цена, и да достави најповолна понуда. Во интерес и на државата е домашна компанија да снабдува со природен гас во толку значајни количини, капиталот да останува тука, и добивката да ја дели со своите вработени и акционери“, рече денеска директорот на ЕСМ, Васко Ковачевски.

Од „Макпетрол“, пак, соопштија дека како општествено одговорна компанија се јави на тендерот на ЕСМ Продажба заради заштита на државниот Буџет, кој со последните два тендера за набавка на гас за јануари и февруари беше оштетен од државната компанија ЕСМ, бидејќи беа склучени договори поради кои државата во овие два месеца плаќаше за овој енергенс и до 70 отсто повисока цена од берзанската.