Кутрата македонска химна, кој сè не ја испеа и не ја згреши. Едни (не)намерно ја „забораваат“ строфата со Гоце Делчев, Питу Гули итн., други ја „воскреснуваат“ одамна изоставената „Не плачи Македонијо мајко мила…“, трети си земаат слобода да не ја интонираат дури ни при посета на странски државник.

На Нина Јанева можеби и може да ѝ се прости тоа што на протестот за слобода на уставобранителите не ја отпеа веќе фамозната втора строфа од „Денес над Македонија“, бидејќи ги прифати критиките и јавно се извини. Ако (ѝ) е за утеха, во однос на киксот може вода да ѝ носи на Тамара Тодевска, која не еднаш, ами два пати ја утна химната во официјална пригода, па проба да се вади со тетоважа со строфата со револуционерите. Владиниот протокол, пак, си дозволи да го игнорира законот за државната химна, па место со неа, тогашниот грчки премиер Алексис Ципрас пред неколку години беше пречекан од својот колега Зоран Заев со – селфи?!

Значи, ни прва ни последна не е Јанева што ја згрешила најпатриотската песна од наплив на емоции, откако други пред неа тоа го имаат сторено од трема, од непрофесионалност или од сомнителни побуди. Проблемот е што многу често почна да се случува тоа, згора среде отворени посегања и негирања на македонскиот идентитет, па Македонците се толку сензибилизирани што веќе немаат разбирање и зад секој сличен пропуст по автоматизам бараат некаква валкана заднина.

Дефинирана како „родољубива музичка композиција, која потсетува и се повикува на историјата, традицијата и борбата на народот на една земја, која е признаена од владата на една земја како официјална државна композиција или конвенција преку широка употреба помеѓу народот“, химната е еден од основните атрибути на државноста покрај знамето и грбот. Оттаму, грешките при нејзината интерпретација се доживуваат како навреда и омаловажување на државата и на нејзиниот народ речиси исто како и свиркањето или неинтонирањето.

Во однос на химната се крајно чувствителни и народи на кои никој ништо не им оспорува, а нејзината изведба е привилегија за врвни музички имиња, посебно на масовни политички, културни или спортски настани. Ретко кој не почувствувал морници по телото и зголемен адреналин во крвта барем еднаш додека ја слушал или и самиот ја пеел.

Токму поради тоа, веќе не е без основа помислата дека зачестеното грешење на химната е дел од сценариото за намалување на отпорноста на нацијата кон ударите врз нејзините свети нешта однадвор, а со асистенција одвнатре. По промената на знамето и на името на државата, неприфатени од огромното мнозинство, некому, очигледно, почна да му пречи споменувањето на Македонија и на македонските национални херои. Да не зборуваме за патриотските чувства што притоа се развиваат во услови кога Заев и тајфата се подготвуваат дополнително да ја свиткаат „кичмата“ заради светлата иднина во замислениот рај на Земјата наречен ЕУ.

Ете му уште една појдовна основа за враќање на вистинските вредности на тој што има намера да ги замени на власт. Химната, едноставно, мора да ја знае наизуст секој лојален граѓанин на оваа земја и за тоа мора да се води сметка од најрана возраст. Татковината, државата, се сака и со соодветниот (личен) однос кон најпрепознатливата мелодија и текст со кој се идентификува народот.

На крајот на краиштата, кога може(ше) еден Јапонец (Казухиро Котецу) не само да ја научи, туку и маестрално да ја изведе, срам голем е за секој Македонец да ја греши или, уште потрагично, да не ја знае.