Да бидете избрани за лидер на било што од човек кој е фатен како јавно си го гази зборот и безочно лаже во стотици прилики не е добар вовед во било чија кариера а особено не на иден премиер и лидер на ,,државотворна партија” како СДСМ.

Според мене поголем легитимитет да октроира свој наследник на двете позиции има Петар Гошев кој никогаш не прифати да стане премиер на СДСМ затоа што процени дека нема да може сам да одлучува за премиерските одлуки.

Ја разбирам желбата и подготвеноста на Димитар Ковачевски да сака да стане лидер на СДСМ и премиер.

Сите што влегле во политика своето финале го гледаат на чело на владата или државата но за тоа треба да исполнат минимум услови.

Иако актуелниот шеф на владата толку многу ги намали критериумите за функцијата, освен што е миленик на Заев сегашниот заменик министер за финансии во неговата влада не исполнува ни минимум доволно услови да стане премиер со легитимитет.

Поголем легитимитет од Заев да октроира наследник има и ланскиот учесник на песната за Евровизија пејачот Гарванлиев кој доживеа дебакл откако предходно беше избран од струмичкото лоби предводено од сопругата на премиерот. Тој барем не лажеше за тоа кој е и што е.

Ковачевски влегува во највисоката политика во класичен случај на таканаречениот демократски централизам, политички систем во кој функционерите се бираа во партиските тела на Сојузот на комунисти а потоа се прикажуваа како избор на народот.

Зошто човек образуван во САД би го прифатил ова октроирање во најкласичен комунистички принцип на избор би било нејасно ако не знаеме дека Заев преку именувањето сака да прикаже дека тој се уште ја има целата контрола во свои раце и дека само тој одлучува за премиерот и лидерот, денот и ноќта, маглата и ветрот.

Предходното неизбежно индицира опасност Заев да избрал човек кој треба да биде ,,чуваркуќа”, односно обезбедувач на неговата фотеља до моментот кога струмичанецот ќе процени дека опасноста е помината и тој ќе се врати да ја води СДСМ и Македонија во блескавата иднина видена само во неговите мозочни ќелии.

Така мислеа и Љубчо Георгиевски со Груевски и Црвенковски со Бучковски.

Вчера промовираниот Ковачевски ако се реши да ја игра лебедовата песна на Зоран Заев ќе има премногу проблеми.

Тој нема легитимитет добиен на избори за да ја води државата. Ниту бил “шпиценкандидат”, ниту бил кандидат за пратеник, ниту водел партија, ниту правел и промовирал партиска или владина програма, ниту бутур.

Легитимитет од народот не се купува на пазар како што тоа би го сторил неговиот “идеен татко” и политички гуру Зоран Заев.

Која програма ќе ја спроведува сега Ковачевски како премиер? Таа на Заев или некоја нова негова?

Ако е таа на Заев што беше поништена на локалните избори е еден проблем. Ако е некоја друга за неа нема никаков легитимитет од гласачите.

Ковачевски и без овие проблеми ќе има мака да го докажува својот квалитет пред луѓето кои во СДСМ немаат вујко владика односно татко моќен градоначалник, пратеник и член на врвните тела на партијата уште од времето на Бранко Црвенковски.

Неговиот татко Слободан Ковачевски од вечната ,,слободна политичка зона” на СДСМ во Куманово е сенката која му се надвиснува над кариерата поради која секогаш ќе се поставува прашањето дали синот бил навистина квалитет или искористил прилика и моќ на родителот и момент на слабост на “владетелот”.

Како од народот се прифаќани децата на транзиционите политичари и олигарси со функции во СДСМ најдобро се виде на последните локални избори каде сите такви профили освен градоначалникот на ,,оазата” на СДСМ Центар, Горан Герасимовски, останаа без поддршка и завршија неславно.

Ковачевски од медиумите под контрола на Заев дискретно се форсира како некој што успеал во приватниот бизнис но се молчи дека тој во времето на најголемата моќ на неговиот татко влегол да работи во државната компанија Македонски Телеком каде добил чудна позиција која не може да се опише со обична проста реченица.

Во времето кога идниот премиер се вработил во Телеком полесно беше да станете главен инжинер во НАСА со диплома по историја отколку да “влезете” во фирмата што прави најмногу пари во македонскиот бизнис а во која државата односно владата има ,,златна акција”.

За маките на актуелниот директор на Македонски Телеком, кој според мене ќе мора наскоро да си замине од својата функција, во следната колумна.