Македонско име нема да загине! – Пишува Роберт Димитриевски

„…нека разберат клетите фашисти,

македонско име нема да загине!“

Брееј, анасана! Османлиите 5,5 века биле тука, па посегнале по името Македонија, заменувајќи го со Румелија, а овие ни четири години не се на власт, а веќе го забрануваат! И тоа повикувајќи се на Преспански договор, кој неовластено го потпишаа и го спроведуваат, газејќи ја народната волја од референдумот на 30 септември 2018 година, а со кој, нели, го бетонирале македонскиот идентитет?! Аферим, бе, ќерата! Замисли да не го склучија – отиде јабана и идентитетот, и рајата македонска, и „циментото“ ќе се стореше керпич…

Ма, вакви еднаш мајка раѓа! Секој ден во секој поглед сè повеќе „напредуваат“. Коси црти место државјанство, бришење на придавката „македонски“ од имињата на државните институции и на јавните претпријатија, брусење на сонцето од Кутлеш, откажување од Гоце Делчев, укинување на историјата како посебен предмет, пелтечење „нашата земја“ за да не ѝ го спомнат името… За на крај да се надминат со забрана на зборот со кој се идентификуваат Македонците?!

Термините „Македонија“ и „Република Македонија“, во преведена или непреведена форма, не смеат да се употребуваат во целокупната внатрешна и надворешна официјална комуникација од сите, си пропишале одработувачите на туѓи интереси. Нема проблем, со нетрпение очекуваме да почнат со примена од државната химна „Денес над Македонија“. Потоа нека продолжат со бришењето на последниот збор од имињата на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) и на партиите од неговата владина коалиција Демократска обнова на Македонија (ДОМ), Обединети за Македонија, Демократска партија на Турците на Македонија (ДПТМ), Српска странка во Македонија (ССМ) итн.

Дотогаш едно просто прашање до Министерството за неправда на „нивната земја“: ќе дозволи ли регистрација, да речеме, на граѓанско здружение со име „Македонија е Македонија“? За атер на инквизиториве и на „договорот“ со јужниот сосед, тоа не би барало или земало ни денар од државата, а во статутот би било појаснето дека се мисли на Македонија како етногеографски регион или во историска смисла, а не на државата. Шу прајме сеа?

Дури и според членот 10, став „б“ од капитулацијата од Нивици, менувањето на сите документи и материјали, коишто се исклучиво за внатрешна употреба во Втората страна, ќе почне при отворањето на секое поглавје на релевантното поле во преговорите со Европската унија и ќе биде финализирано во рок од пет години оттогаш. По бугарското вето, само Господ знае дали и кога државава ќе ги почне фамозните преговори, така што во меѓувреме не е обврзана на ништо, најмалку на и без тоа небулозниот и фашизоиден прогон на името „Македонија“, како во случајот со невладините организации.

И да – ова немаше толку да боли, ако стануваше збор за завојувана територија администрирана од окупатор, а не за суверена држава, башка и членка на НАТО, и тоа среде Европа! А чувствата на гадење и на гнев само ги зајакнува поразителното сознание дека бришењето на сè македонско не го спроведува некој однадвор, туку овдешни што се колнеа во децата додека уверуваа во спротивното пред да се доберат до фотелјите.

За нивна жал, ниту една административна мерка не може да го избрише зборот запишан триесетина пати во Библијата. Македонија надживеала секакви поробувачи и варвари, па ќе ги надживее и своите изроди.

„…делете ја, парчете ја, пак ќе биде наша најмила!“