Македонско име нема да загине! – Пишува Роберт Димитриевски

Ако некој заслужи колективна Нобелова награда за мир, тоа е македонскиот народ. На толку понижувања, премолчувања, негирања, поигрувања, исмејувања да се одговара со таков стоицизам не може друг. Простум пред неправдите, со грутка во грлото и со чемер во душата, но со исправен ‘рбет, со гордо крената глава, со јасна самосвест и со неисцрпна љубов кон својата Македонија.

Како стоилјадна река ќе дотече пред Влада, колку да видат тие внатре на колкумина им е преку глава од нив и потем кроце ќе си замине, без ни тревка да згази. Порачувајќи им дека тука е, ги набљудува и да се вразумат, оти трпението му е на самиот крај, па да не ги однесе матната.

Од Тиранската платформа до Францускиот предлог, нема кој не се обидува да му го одземе достоинството, да му наметне туѓа перцепција за сопственото минато, да му ги присвои хероите, да му ги исече крилјата, да спротивстави брата на брат, да му го испогани најсветото. Кој сè не проба и сè уште не се обидува да му го сосече коренот, да му ја сневесели сегашноста и да му ја уништи иднината.

А тој одново и одново ќе се прекрсти, ќе му се пожали на Господа за злата судбина, ќе збере сила, ќе го бакне светиот крст и пак ќе го понесе на грбот. Со никогаш незгасната надеж дека патилата еден ден сетики ќе секнат и оти ќе изгрее сонцето и на неговата улица.

Бадијала си играат подбишега со неговата мудрост, со коравите му раце со кои си ја крепи сè понесносливата живејачка, со трпението од искона до бескрајот. Само тој и никој друг на дуњава може да го поднесе неподносливото, да прости за непростливото, но и да памети како слон за сè што му чинат тие што до зла бога не чинат, а му се прават блиски и добронамерни.

Разни тачиња и слични беззаби мачиња „предат“ додека шарлатани со јагнешка насмевка, а во волчешка кожа, им се потсмеваат и ним, и на државата што ја претставуваат, со дебилски и само ним смешни „шеги“. Самозамислени величини, а во суштина микротипчиња со макро амбиции на „европејско“ ниво, од безочни кочничари прекутрупа се нудат како спасители со еднострани понуди во вид на змиски отров спакуван во шарени бонбони. А тукашниве нивни инсталации, армија од (по)грешни луѓе на вистински места, „мудро“ молчат или лажат дека не чуле ништо за тоа.

И сите топтан уверени дека овој народ нафта пие. Дека туку-така ќе му го сменат кодот и оти веќе од утре ќе се кажува тоа што не е само за да им угоди и да го остават намира. Забораваат притоа дека истиот тој народ „основното училиште“ го завршил уште со првата голтка мајчино млеко, дека растел со песните и со преданијата за јунаците, за предавниците и за душманите пренесувани од колено на колено, дека со вознес во срцето и со трепет во душата пее за Македонија, а со пркос и со нескриен презир скандира „Никогаш Северна“.

Е тоа човек или го има и ќе го има до крајот на животот овоземен, или никогаш го немал и нема ни да го има. А огромното мнозинство од Македонците, сполај му на Севишниот, го имаат, и тоа многу повеќе од другите. Поради тоа што ама баш никој не бил толку оспоруван, обезличуван, омаловажуван, замолчуван, распарчуван, расселуван, па дури и физички уништуван како нив. Никој не бил присилуван да си го смени името, да се откаже од браќата отаде меѓата, од (пра)дедовците што пролеале крв за оваа света земја, за нивните (пра)внуци денес да не можат да ги слават како свои.

Ама баш никогаш не му било лесно на Македонецот. Не му е ни денес, а сè укажува на тоа дека нема да му биде ни до крајот на светот и векот. И пак не би ги менувал себеспознанието, честа да се носи библиското име и да се вее барјакот на кој пишува „Македонија“.

П.С. Благодарност до „Балкан бенд“ за инспирацијата за овие редови: