Македонските земјоделци добиваат поддршка за поголема конкурентност од УСАИД

Американската агенција за меѓународен развој УСАИД ги поддржува преработувачите на овошје и зеленчук во Македонија и Косово во градење на конкурентност преку зголемен квалитет на производите.

Основната цел на помошта е да го зајакне одржливиот развој на овие сектори. Насочена е кон зголемување на пазарните можности и продажбата, и стимулирање на меѓуграничната трговија и инвестиции.

Посредно, очекувани резултати се и зголемено примарно производство и приходи за земјоделците – снабдувачи на преработувачите.

Поддршката ја спроведува Проектот за економски развој, управување и развој на претпријатија на УСАИД. Самите активности ги реализира Интегрирани системи за квалитет (IQS), водечка домашна компанија за консалтинг услуги за безбедност и контрола на квалитет на храна.

Од јули 2020 год. IQS соработува со преработувачите во унапредување на квалитетот на производите како предуслов за конкурентност и иден раст на бизнисите.

Домашните компании се запознаваат со интернационалните стандарди за безбедност и контрола на квалитетот, односно со барањата на ЕУ, СТО и малопродажбата (IFC, BRC, HACCP, ISO, итн.).

Добиваат и помош при воведување на стандардите и нивна сертификација. Дополнително, IQS овозможува и трговски врски помеѓу македонските и косовските преработувачи и трговци за поттикнување на соработка и трговија.

Активностите вклучуваат групни обуки, консалтинг за индивидуални компании и деловни средби.

“Како и другите индустрии и преработувачите на овошје и зеленчук се соочуваат со големи предизвици во овие тешки економски услови. Но, и покрај актуелната пандемија, сепак успеваат да одржат релативно стабилно производство, а дел од нив и да инвестираат во развој.
Ова докажува дека овој сектор е мошне витален, и дека има многу голем развоен потенцијал. Секако, конкурентноста е неопходна за иден раст, а унапредување на квалитетот на производите секогаш е најдобра стратегија за постигнување на оваа цел. Можноста да придонесеме во развојот ја чувствуваме како вистинска привилегија. Нашиот тим одлично соработува со над 40 преработувачи, нивни задруженија и трговски ланци. Повеќе од 300 менаџери на производство и технолози директно учествуваат во нашите групни обуки, поединечен консалтинг и бизнис средби. Ќе ни претставува особено задоволство ако и останати се приклучат кон нашите активности кои ќе продолжат до следниот јуни”, вели Александра Депиновска, директор на IQS.

Повеќе информации за активностите на IQS и за контакт се на:

http://www.iqs.com.mk/zaIQS.html