Пишува: Свето Тоевски
Денешната 159-та годишнина од раѓањето на Ватрослав Облак, словенечки и австриски лингвист, славист и македонист, автор на бележитата научна студија „Македонските студии“, е извонредна пригода за осврнувањето кон придонесот на овој дијалектолог за македонскиот јазик, како аргументација од непроценливо значење, која ги фрла во вода сите обиди на Грција и Бугарија да го прикажат како непостоен јазикот на македонскиот народ.
„Македонските студии“ на Облак особено ја покажуваат сета бесмисленост и смешност на „научните ставови“ на бугарските лингвисти и пред се политичарите дека „македонскиот јазик е создаден во 1944 година“! „Македонските студии“ се траен споменик на македонскиот јазик, кој му го подигна Ватрослав Облак.
Ватрослав Ингациј Облак е роден во Целје, во Словенија, на 15 мај во 1864 година, а починал во истиот град на 15 април 1896 година. Бил заинтригиран од тезата за македонското потекло на старославјанскиот јазик и по препорака на хрватскиот славист Ватрослав Јагич во есента 1891 година заминал да ги проучува македонските дијалекти во најјужната точка на славјанскиот свет – Солун.
Словенечкиот лингвист пристигнал во околината на Солун во време кога на територијата на Македонија биле активни неколку црковни и просветни пропаганди. Тие имале цел да ги асимилираат Македонците преку изучување на туѓите јазици и историја. Во овој период особено била активна бугарската пропаганда, која со поддршка на бугарската влада, особено од премиерот Стефан Стамболов, создала простран образовен систем, кој се состоел од голем број училишта во кои наставата се одвивала на бугарски јазик. Честопати учители биле Бугари пристигнати од бугарската држава.
Во 1891 година Облак престојувал во Солун и во неговата околина во текот на три ипол месеци. Вршел теренски истражувања на македонскиот јазик и неговите долновардарски говори, употребувани од Македонците, што живееле тогаш во околината на Солун. Облак ги посетил македонските села Суха, Грдабор, Вардаровци, Бугариево и Ново Село и разговарал непосредно со Македонците од овие села, забележувајќи ги карактеристиките на нивниот дијалект, особено мошне карактеристичните „носовки“ – фонетски белези на изговорот на Македонците од споменатите солунски села.
Тој запишал повеќе од сто збора, што се карактеристични за македонскиот јазик. Меѓу многубројните типични македонски зборови, во споменатиот труд може да се сретнат и следните: бев, беше, бевме, печев, печеше, печевме, печевте, криев, криеше, криевме, крие, пеев, пееше, пеевме, пеевте, пее, купував, фалев, фалеше, пливав, знаев итн.
По заминувањето од Македонија овој јазичар ја напишал капиталната студија „Македонски студии“ („Macedonishe studien“), во која, покрај другото, во врска со говорот на селото Суха, недалеку од Солун, ќе забележи: „Дијалeктот на Суха и припаѓа на југоисточната група на македонски дијалекти, во која изговорот на старото – к е независен од карактерот на следниот слог и акцент.“
Со своето истражување Ватрослав Облак успеал да ја урне т.н. „Панонска теорија“, според која Кирило-Методиевиот јазик е јазик на Панонските славјани. Облак ја потврдил „Македонската теорија“ на Јагич и го докажал вистинското потекло на Кирилометодиевиот старословенски јазик – дека се засновува врз македонските говори од околината на Солун! Аргументите на Облак за земјата на кирилско-методолошкиот јазик се прифаќаат како конечни и тоа преставува „најзначајно откритие во славистиката во 19-тиот век”. Позадлабочено анализирано, студијата на Ватрослав Облак е и потврда дека во Солун Македонците говореле старомакедонски јазик како негови жители уште од самата антика!
Американскиот лингвист и славист Пол М. Фостер јуниор ги анализирал „Македонските студии“ на Облак во својот научен труд „Оставнината на ‘Македонските студии’ на Ватрослав Облак за македонските студии“ („The legacy of Vatroslav Oblak’s ’Macedonische studien’ in Macedonian studies“) објавен во 1995 година. Во него тој нагласува: „Студијата на Облак ја задржува својата вредност како изворно и важно дијалектолошко истражување и има своја историска функција, бидејќи опишува неколку македонски дијалекти во последните години од нивното исчезнување во нивните 1500 години откако постојат.“
Мјечислав Малецки, првиот полски македонист и истражувач на јужнословенските дијалекти, се надоврзал на истражувањата и резултатите на Ватрослав Облак во „Македонските студии“. Во триесеттите години на 20-иот век Малецки исто така водел интензивни истажувања во Егејскиот дел на Македонија. Резултат на неговите истражувања се неколку расправи и две книшки: текстови од Сухо и Висока во Солунско (Краков, 1934) и речник на тие два говора (Краков, 1936).
Потпирајќи се на Облак и трудови од други автори од областа на македонската дијалектологија, Малецки констатира дека македонските дијалекти претставуваат поединечен дијалектен тип, што може да се нарече македонски јазик: „Во однос на прашањето дали македонските дијалекти се српски, или бугарски, би одговорил дека тие не се во целост ниту српски, ниту бугарски, но дека повеќето од нив припаѓаат на поединечен дијалект, што може да се нарече македонски јазик…“ (Mieczysław Małecki, Z zagadnień dialektologii macedońskiej, 1938).
Продолжувајќи врз основа на студиите на Облак и Малецки, професорот Фостер во својот споменат научен труд изнесува и цела низа автентични научни аргументи и факти за геноцидната политика на Грција, насочена кон уништување на македонскиот народ и неговиот македонски јазик во Егејскиот дел на Македонија.
Во овој контекст, тој пишува: „…масовната имиграција на грчки доселеници од Мала Азија, грчката Граѓанска војна, како и грчката политика кон македонското словенско малцинство во голема мера повлијаеа врз демографскиот состав на северна Грција и врз статусот на македонските дијалекти. Некои дијалекти, кои постоеја во тој регион во времето на Облак, веќе од одамна исчезнаа. Богданската група на дијалекти, од селата Сухо, Висока, Зарово и Негован, во околината на Солун, се најдоа под огромен, страотен притисок. … Селото Зарово беше запалено од грчката армија во Втората светска војна, а славјанското население избега во Пиринска Македонија. Денес тоа село е населба наречена Никополис од грчки имигранти.“
„Малецки ги посети селата Суха и Висока во 1933 година и според него тогаш голем број од населението не се идентификувале себеси како Бугари и не го знаеле грчкиот јазик. … Ситуацијата и денес останува во голема мера иста во тој регион, и по повеќе од еден век од работата на Облак таму, освен тоа што сега извршителите на опструкциите и блокадите не се повеќе Турците, туку грчката влада, која решително и постојано го негира постоењето на македонското малцинство во Егејска Македонија.“ – констатирал американскиот лингвист и славист Пол М. Фостер јуниор во својот научен труд „Оставнината на ‘Македонските студии’ на Ватрослав Облак за македонските студии“.