Машката ракометна репрезентација на Македонија до 19 години го освои деветтото место меѓу 32 земји-учеснички на 10. Светско првенство во Хрватска, откако ја совлада и Чешка со 28:22 во Копривница.
Петтата победа во седмиот натпревар на мундијалот, на кој избраниците на селекторот Радослав Стојановиќ играа само против европски селекции, покажува дека Македонија има светла ракометна иднина во оваа генерација ракометари.
„Црвено-жолтите“ водеа во текот на целата средба, освен во почетните десетина минути од второто полувреме, кога Чесите ја стопија негативата од четири гола (13:9) и израмнуваа до 17:17, по што завршницата им припадна на Македонците.
Средниот бек Мирче Калајџиески прикажа уште една брилијантна партија во нападот и со 12 гола од 14 обиди го понесе признанието за најдобар играч на мечот, во кој левиот бек Давид Димевски имаше ефект 8/12, левото крило Марио Стојановски 4/4, а голманот Давид Брестовац 10 успешни интервенции.
На својот втор планетарен шампионат во оваа возрасна категорија, покрај единствениот претходен во 2019 година како домаќин, кога беше 13. меѓу 24 селекции, Македонија ги совлада и Црна Гора со 29:20, Грузија со 27:21, Австрија со 29:22 и Унгарија со 22:20, а загуби од Норвешка со 27:25 и од финалистот Данска со 37:30.