Македонските ракометари двоцифрено поразени и од Холандија на СП

Уште еден двоцифрен пораз на машката ракометна репрезентација на 28. Светско првенство во Полска и во Шведска, овојпат со 34:24 против Холандија во второто коло на групата Ф во Краков, по кој дуелот со Аргентина во вторник останува последна надеж за пласман во втората фаза.

Како и на стартот против Норвешка, „црвено-жолтите“ практично го загубија мечот уште во првото полувреме, кое им припадна на Холанѓаните со 18:11, а резултатското какво-такво доближување до 18:22 во средината на вториот дел го стопија трите примени гола по исклучувањето на Филип Талески и тука заврши приказната.


Во лошото издание на македонскиот напад, со реализација од 59 проценти на ударите наспроти 74 отсто на „лалињата“, најефикасни беа средниот бек Филип Кузмановски со 4/5 и пикерот Жарко Пешевски со 4/7, а десното крило Ненад Костески погоди од сите три обиди.

Единствена светла точка во „Таурон арена“ беше македонската „Фаланга“, која им ја даде неопходната поддршка на македонските ракометари, но тие не ја наградија со добра игра и резултат.