Македонската одбојкарска репрезентација ја забележа и втората победа на турнирот од Европската сребрена лига во Струмица, славејќи по голема борба против Израел со 3:1, по сетови 21-25, 25-22, 25-23 и 31-29.

Избраниците на селекторот Никола Матијашевиќ не искористија две меч-топки при водство од 24-22 во четвртиот сет, па спасуваа пет сет-топки пред ја реализираат третата можност да му стават крај на трилерот во салата „Парк“.

Капитенот Никола Ѓорѓиев беше најефикасен во победничкиот тим со 22 поени, а одличната партија Славе Николов ја круниса со 16.

Во директниот дуел за првото место во групата „црвено-жолтите“, кои имаат максимални 6 бода, утревечер ќе ги одмерат силите со Данска, која исто така има две победи, но и еден бод помалку.