Како и на стартот, машката кошаркарска репрезентација на Македонија до 20 години загуби од Чешка и во финалето на Европското првенство од дивизијата Б во арената „Борис Трајковски“ во Скопје, овојпат со преубедливи 85:72, но и како втори „црвено-жолтите“ в година ќе играат во елитната дивизија А.
Преубедлив и нереален е поразот од Чесите ако се има предвид дека во последната четвртина избраниците на селекторот Никола Василев влегоа со нерешени 52:52, а малку пред тоа имаа и водство од 48:46.
Но, чудниот критериум на судиите, кои им доделија дури 23 слободни фрлања на Чесите наспроти само 8 на домаќинот, како и добиеното натреварување во тројки на Чешка од 12/34 во споредба со 9/38 на Македонија го решија победникот.
Теодор Симиќ со 23 поени беше најефикасен поединец на средбата, додавајќи и 7 скока и 4 асистенции, а Амар Хот запиша 17 скока!
Чешка ги доби првата четвртина со 20:16, втората со 15:10 и последната со 33:20, а Македонија третата со 26:17.
Второто место е повторување на најдобриот пласман на Македонија од 2006 година во оваа конкуренција.