Женската ракометна репрезентација на Македонија до 18 години му го честита Илинден на домаќинот на Светското првенство со триумф над Иран од 31:19 во арената „Борис Трајковски“ вреден осминафинале.

Победничкиот хет-трик на избраничките на селекторот Љубомир Савевски им го донесе првото место во групата Б, во која претходно ги „преслушаа“ Сенегал со 32:13 и Узбекистан со 39:30.

Теодора Дукоска со 6 гола од 10 удари беше прв стрелец кај „црвено-жолтите“, за кои Емилијана Ризоска оствари ефект 5/7, Марија Јанкуловска 4/4, Ива Младеновска 4/7, а голманката Матеа Чурлиновска запиша 13 одбрани со успешност од 52 проценти!

Вистинскиот мундијал за македонските кадетки почнува во групата 1 од главната фаза утревечер од 20:30 часот против Шведска, а в петок во истиот термин ќе ги одмерат силите со Исланд.

Македонија и Исланд влегуваат во осминафиналната фаза со по 2 бода пренесени од прелиминарната, а во четвртфиналето ќе има место за двете најдобри селекции од групата.