Со победата над Швајцарија од 24:22 во финалето во Рига, машката ракометна репрезентација на Македонија до 18 години го освои шампионатот на ЕХФ од дивизијата Б во Летонија.

Првото место не само што на избраниците на селекторот Радослав Стојановиќ им донесе пласман во А-дивизијата, туку и учество на Светското првенство 2023 до 19 години, како и на Европското првенство 2024 до 20 години.

„Црвено-жолтите“ го добија првото полувреме со 13:10, но седум минути до крајот губеа со 22:20, а потоа направија серија од 4:0 со двата гола на Томислав Димковски и по еден на Александар Петковски и на Валентин Карасманакис.

Димковски со 7/7 беше најдобар стрелец во македонскиот тим, пред Александар Петковски со 6/7, Мирче Калајџиески имаше ефект 4/4, но за најдобар играч беше прогласен голманот Давид Брестовац.

Популарниот Томи (Димковски) е МВП на шампионатот, а во идеалната седморка се избрани и синот на ексселекторот на македонската сениорска репрезентација Данило Брестовац, десното крило Петковски и левото крило Михаел Тотиќ.

Каква е љубовта на македонските ракометни надежи кон националниот дрес покажа интонирањето на химната по дуелот со Швајцарците, кога организаторот им ја пушти само првата строфа, а тие продолжија да ја пејат.